/ Прочитано:

1.369

(ФОТО) Груевски и Заев се соочија на суд: Премиерот доживеал тешка душевна болка, лидерот на СДСМ чувствувал граѓанска одговорност

Вторник, 2 септември 2014 – Речиси четири часа траеше распитот на  премиерот Никола Груевски и на претседателот на СДСМ Зоран Заев на продолжението на процесот по приватната тужба за клевета на Груевски против Заев. Според Груевски наводите на Заев дека  Груевски лично ја продал „Македонска банка“ на Јовица Стефановиќ  – Нини, а при продажбата примил 1,5 милиони евра во кеш се невистини чија цел е целосно уништување на неговите углед и чест. Заев, пак, тврдеше дека дека аудио снимката, на која, како што вели, Груевски договара продажба на „Македонска Банка“, лично му ја дал Ден Дончев, кого Судот повторно одби да го сослуша како сведок. Пред крајот на рочиштето, адвокатот на Груевски  го намали побарувањето кон Заев од половина милион евра на 50.000 евра велејќи дека целта не е да се постигне висока штета, туку да се докаже чесноста на премиерот. 

Груевски: Заев се обидува да го преформулира обвинувањето

„Изјавите дадени од тужениот преставуваат клевети од највисок вид. Тужениот Зоран Заев има измислено сценарио на една интензивна, обемна и агресивна медиумска кампања во изнесување на невистини за да му наштети на мојот углед и на честа. Невистините и клеветите дека јас сум татко на криминалот, дека сум зел 1,5 милиони евра кеш, дека сум ја оштетил државата поради неплатен данок и дека сум креатор на криминална мрежа, сè што е наведено е една осмислена кампања за конкретна цел во конкретен момент“, рече премиерот Никола Груевски во својот исказ пред Судот.

Премиерот, кој потенцираше дека имал висок праг на толеранција и разбирање за политички критики, наведе дека доживеал тешка душевна болка и вознемиреност по објавувањето на аудио снимката и обвинувањата изнесени од страна на тужениот.

„Тешко е да се опише чувството и загриженоста дека некој верува во изнесените навреди и клевети. Разбирам политичка критика, но ова е сосема друго. Навистина не можам да замислам потежок облик на клевета  и поради тоа сметам дека ми е нанесена огромна ненадоместлива штета“, рече тој и додаде дека некои од граѓаните дури и поверувале во овие наводи.

Според него, вистинитоста на прес-конференциите на лидерот на СДСМ ги довел во прашање и српскиот бизнисмен Јовица Стефановиќ-Нини кој пред судот изјави дека не ги познава ниту него ниту Заев, иако сведочел на покана на одбраната.

На премиерот, покрај адвокатите, директни прашања му поставуваше и Заев. Лидерот на СДСМ го праша Груевски дали ја преслушал снимката и дали гласот што се слуша е негов, на што премиерот одговори дека на тоа прашање дале одговор во сооопштение од неговата партија објавено истиот ден по обелоденување на снимката. Груевски негираше дека има разговарано и преговарано за продажба на „Македонска банка“ со Дончев. Негативен беше одговорот и на прашањето на полномошниците на Заев – дали  побарал вештачење на снимката за да докаже дека истата е монтирана. 

Заев: Аудио-снимката лично ми ја достави Ден Дончев

По распитот на Груевски, исказ даде Заев кој потенцираше дека единствена мотивација за обелоденување на снимката на пресконференција била граѓанската одговорност и исполнување на законските норми, а не рушење на честа и на угледот на Груевски. Тој тврди дека аудио-снимката лично му била доставена од Ден Дончев, кој според него е посредникот на продажбата, односно, како што беше потенцирано, третиот соговорник покрај Груевски и Стефановиќ. 

„Аудио-снимката и писмените докази за трансакции издадени од Македонска банка ми ги достави лично Ден Дончев, поранешен генерален секретар на ВМРО – ДПМНЕ и генерален секретар во моментот на продажбата“, појасни Заев.

Претседателот на СДМС меѓу другото истакна дека пред објавувањето на овие материјали во јавноста се консултирал со експерти во однос на нивната веродстојноста.

„За веродостојноста на снимката добив писмена потврда од овластен вештак од Србија. Бев советуван од моите правни советници и во однос на мојата обрска кога имам во владение основано сомнение за кривично дело во рамки на кое е договарано поткуп и избегнување на плаќање персонален данок “, рече тој. 

Во одговори на прашања на своите адвокати, Заев потенцираше дека документите кои ги добил од Дончев во целост се поклопувале со јавно достапните информации и аудио-снимката.

Никола Додевски, адвокатот на Груевски инсистираше на тоа Заев да прецизира дали на прес-конференциите искажувал само основано сомнение или категорично тврдел дека Груевски земал 1,5 милиони евра во кеш или 2,4 милиони во некои наврати и дека е татко на криминалот. На ова реагираа адвокатите на Заев, но судот донесе одлука тој да одоговори на прашањето.

„Целосно стојам зад тоа дека гласот на снимката е на Никола Груевски. Постојано тврдам дека има основано сомнение. Има докази во предметот се’ е кажано“, рече Заев.

„Дали треба првин да се поднесе пријава или треба да се излезе првин на пресконференција?“, праша Додевски.

„Кога вашата политичка партија ќе поднесе неколку пријави, а притоа институциите нема да преземат ништо, тогаш апсолутно дека ќе ја користиме можноста за јавно споделување на информациите“, одговори Заев.

„Заев како последна надеж за спас се обидува да го преформулира своето обвинување дека тоа било само исказ на основано сомнение и не било категорично клеветење и тврдење за тоа што го кажа и се надевам дека судот ќе донесе правична одлука“, изјави Груевски за новинарите.

Повторно одбиен предлогот за сведочење на Дончев

Според тврдењата на Заев, Дончев уште еднаш му потврдил дека е спремен да сведочи за него, но судијката Весна Калковска по втор пат го одби ова барање на тужената страна, истакнувајќи дека причините за ваквите одлука ќе бидат истакнати во пресудата. Адвокатот Филип Медарски, кој посочи декавчерашното сведочење на Јовица Стефановиќ – Нини само по себе нема никаква доказна вредност,  ваквата одлука на Судот ја оцени како повреда на принципот на еднаквост на оружјата на странките.

Пред крајот на денешното рочиште адвокатот на премиерот, Додевски, го намали побарувањето кон Заев од 500 илјади на 50.000 евра, велејќи дека целта не е да се постигне висока штета, туку да се докаже чесноста на премиерот Груевски.

„Намалувањето на казната е евтин трик, а целта овде беше да се докаже вистинитоста на нашите наоди. Со самото тоа што судот не дозволува такви докази и го одби Дончев како сведок, ирелевантно е колку пари бара премиерот, бидејќи ние сме спремени да ја докажеме вистината“, изјави Заев по напуштањето на судницата.

 Судењето ќе продолжи утре во 12.00 часот со завршни зборови на странките во постапката.

E.  П. / pavloskae@akademik.com.mk