/ Прочитано:

1.984

(ФОТО) Новите антикорупционери дадоа свечена изјава во Собранието на Република Македонија

Среда, 15 април 2015 – Новите членови на Државната комисија за спречување на корупцијата денеска дадоа свечена изјава во Собранието на Република Македонија.

Нови членови на Државната комисија за спречување на корупцијата се: Горан Миленков, адвокат од Скопје, Игор Тантуровски, дипломиран економист и д-р на економски науки од Скопје, Најдо Спасевски, адвокат од Скопје, Сузана Таскова Аџикотарева, дипломиран правник магистер по казнено право од Скопје, Жаклина Данчевска, дипломиран правник, магистер по деловно право од Прилеп.

Новиот состав на Антикорупциската комисија беше изгласан на вчерашната собраниска седница, а во новите редови останаа само двајца членови од стариот состав. Тоа се Сеиди Халили, дипломиран економист од Тетово и Фарије Алиу, дипломиран економист доктор на економски науки од Гостивар.

Членовите на Државната комисија ги именува Собранието на Република Македонија со мандат од четири години со право на уште едно именување. Од редот на овие именувани членови Државната комисија избира претседател со мандат од една година со право на уште едно именување.

Според Законот за спречување на корупцијата, членовите на Државната комисија имаат статус на именувани лица и функцијата ја вршат професионално.

Новите членови на Комисијата велат дека ќе работат во согласност со Уставот и законите и дека нивната работа ќе биде чесна и транспарентна.

„Сакам да нагласам дека ќе работиме чесно како што работевме, транспарентно и одговорно, истакна Сејди Халили, кој беше член и во претходниот состав на Антикоруписката комисија.

Новиот член на комисијата, адвокатот Горан Миленков, истакна дека нема забелешки за работата на претходниот состав, посочувајќи дека корупцијата е глобален проблем, но, како што потенцираше, било добар тренд што таа опаѓа.

М.В