/ Прочитано:

1.518

(ФОТО) ОСНОВЕН СУД ГЕВГЕЛИЈА: Три месеци затвор за поранешниот НБА кошаркар, Котуровиќ

Четврток, 2 октомври 2014 – Гевегелискиот суд денеска го осуди на три месеци затвор некогашниот кошаркарски репрезентативец на Србија и поранешен НБА играч, Дејан Котуровиќ, за фалсификување исправа. Пресудата предвидува исто така тој по издржувањето на казната да биде протеран од Македонија со забрана за влез во наредните 12 месеци, како и заплена на возилото што е предмет на обвинението. Одбраната најави жалба до повисокиот суд.

Котуровиќ (42), кој беше уапсен на 19 септември на граничниот премин Богородица,  е обвинет дека влегол во Македонија со автомобил кој бил пријавен за украден во Бугарија и на кој биле сменети сериските броеви на моторот и шасијата и внесени и внесени во фалсификувани документи, кои тој и ги приложил на полицијата.

Тој во своја одбрана денеска пред Судот во судењето кое траеше само едно рочиште изјави дека не знаел дека станува збор за украдено возило и дека е жртва во овој случај.

„Не сум виновен, но одговорен сум за мојата наивност и невнимателност. Таков е мојот карактер. Можете и самите да се уверите – пред неколку години бев жртва на лажен банкар кој ми украде 500 илјади долари. Тоа го има и во медиумите. Јас сум спортист, Ве молам да не ме гледате како криминалец. Oд спортот создадов за да живеам добро, нема зошто да се бавам со криминал. Смешно е обвинението дека јас сум фалсификувал документи за да возам украден џип“, му се обрати Котуровиќ на судскиот совет.

Според неговите зборови, возилото, марка „Honda CRV, го купил во Белград од продавач на половни автомобили за 13 илјади евра и од него ги добил фалсификуваните документи. Посочи дека со возилото патувал во повеќе земји од Европа, и тоа било доказ дека не е виновен.

Петар Самаков, бранител на поранешната кошаркарска ѕвезда, најави жалба до Апелација истакнувајќи дека неговиот клиент е очигледна жртва во случајот. 

Дејан Котуровиќ, кошаркарската кариера  ја почна во белградски Партизан, а ја заврши пред 10 години  во Шпанија во тимот на Тау керамика. Големото кошаркарско име играше во многу европски тимови, во  Франција, Германија, Италија,  Турција, Шпанија и во НБА – во  Бостон Селтик и Феникс Санс. Котуровиќ  во 1995 и 2002 година беше во првата петорка во селекцијата на СР Југославија која освои европско и светско злато во кошарка.  

Е. П.