/ Прочитано:

1.443

(ФОТО) СТУДЕНТИТЕ ПРЕД СОБРАНИЕТО: Ако се изгласа Законот, ќе бојкотираме, ќе блокираме и ќе окупираме!

Среда, 14 јануари 2015 – Студентите, кои денеска се собраа пред Собранието на РМ, уште еднаш гласно го кажаа своето „НЕ“  за предложените измени во Законот во високото образование што се денеска на дневен ред на пленарна седница. Тие околу Собранието поставија црвено-бела лента на која пишува „место на злосторството“.

 „И покрај сè, ние ве сакаме“, „Ние во студентските домови во 3 часот се капиме со ладна вода!“, „Ние не ве гласавме во 3 часот наутро“, „Реформски лудории“, „Ако не завршам факултет, сакам да бидам министер“, „Слушнете ја иднината на нашата држава“, „Дајте нешто појако“, „Чекајте малце другари“, „Кого претставувате?“, „Кому водите инает?“, Кој дел од НЕ не го разбирате?“… беа дел од паролите распослани пред Собранието, што истовремено ја означуваа патеката по која студентите, во улогата на пратеници, го истрчаа „реформскиот маратон“.

„Ако се донесе Законот, уште утре можеме да ги распуштиме универзитетите и дипломата да ја добиваме лично од господинот Адеми откако ќе ни постави 5 квиз-прашања. Ги прашувам министерот и Владата: партиска книшка да си носиме на испитот или само на интервју за работа? Каква е таа Влада која е глува за 10.000 граѓани? Студентскиот пленум ќе ја продолжи борбата со сите можни вонинституционални методи доколку се изгласа Законот. Го имаме тоа право. Да почувствуваме граѓанска одговорност, да ја заштитиме слободната мисла! Авторитетите не смеат да бидат апсолутни и затоа ќе бојкотираме, ќе блокираме и ќе окупираме.  Овој протест денес е симболичен, знаеме дека институциите пред кои стоиме се трули. Имаме само една порака – Универзитетот е наш и повторно ќе го преземеме, порача Ана Нешовска од Студентскиот пленум.

„Ние како граѓани и студенти сме тука да ги потсетиме пратениците дека сме против оваа реформа. Ние ги гласавме пратениците, народот. Ако тие работат во името на народот, нема да гласаат за овие законски измени“,  вели студентот Јуми Бекири.

Како и на претходните протести, така и на денешниот, рамо до рамо со студентите беа и професори, меѓу кои пензионираните Елена Градишки и Ѓорѓе Маријановиќ.

„Присутна сум речиси на сите студентски демонстрации. Во 2011 година поднесов оставка како сенатор во Сенатот на УКИМ, кога Институтот за надворешно евалуирање,  што сега е само преименуван,  беше инаугуриран. Значи, тој Институт е инаугуриран 2011 година со Законот за изменување и дополнување на Законот за високо образование . Се работи за реформа која е противуставна  и не може да се полемизира со никого за противуставна реформа. Точно е дека Владата сноси голем товар за оваа реформа, меѓутоа, по мое лично убедување, за мене поголема вина сноси Уставниот суд на РМ бидејќи не собра сила да покаже почит спрема начелото на легалитетот на кое почива секоја држава што претендира да биде правна држава“, изјави професорката Градишки.

Студентите најавија дека вечерва во 19 часот ќе излезат пред Собранието и симболично ќе го погребаат високото образование. 

„Ова овде е местото каде што е убиена автономијата на Универзитетот. На секое убиство има место на злосторството. Го прогласувам Собранието на Република Македонија за место на злосторството. Вечерва во 19 часот дојдете сите да го погребаме високото образование“ – истакнаа од Студентскиот пленум.

Пакет-законите за образование, меѓу кои и Законот за високото образование, денеска  се пред пратениците на пленарна седница, откако поминаа на второ читање кај Комисијата за образование, наука и спорт.  Комисиската расправа, што се одржа минатиот петок, траеше до три часот по полноќ.  Иако беа поднесени вкупно 160 амандмани, од кои само за Законот за високото образование беа поднесени 90 амандмани, ниту еден не беше прифатен од предлагачот. 

E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk


Ви пренесуваме дел од атмосферата:

(ФОТО: Драган Митрески)