/ Прочитано:

2.435

(ФОТО) Судење според новиот ЗКП во режија и изведба на средношколците од „Васил Антевски – Дрен“

Петок, 12 јуни 2015 – Исклучителна посветеност и знаење, беспрекорна уверливост и прецизност прикажаа денеска во Основниот суд Скопје 1 средношколците од СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ – Скопје, кои симулираа главна расправа  на импровизиран предмет според новиот ЗКП.

Соодветно облечени, учениците ги презедоа улогите на судиите, поротниците, јавниот обвинител, одбраната и судската полиција. Предметот се однесуваше на убиство од членот 123 од КЗ, а во доказната постапка се вклучија сведоци и вешти лица.

Остроумните прашања на одбраната и обвинителството изнесени во текот на директното и вкрстеното испрашување, одмереноста на судијката, стручноста на вештаците, уверливоста на сведоците беа наградени со громогласен аплауз од присутните во судница.

Симулацијата, која заврши со докажување на обвинението од страна на обвинителството и со затворска казна за обвинетиот, беше следена и од судии на Основниот суд Скопје 1, како и од обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, кои заедно со професорите помогнале во подготовката на проектот.

„Овој проект е од големо значење за нас  бидејќи како правници имаме навистина потреба од пракса. Оваа можност да изведеме симулација сметам дека ќе ни користи понатаму и на факултетските студии.  Многу сме им благодарни на  Јавното обвинителство, на Судот, на Судската медицина и на полицијата што ни го овозможија овој проект“, вели Стефанија Димовска, ученичка во трета година, која ја изведе улогата на јавен обвинител.

Со својата соученичка се согласува и Ева Спасовска, која на чело Судскиот совет, во улога на судијка,  ја водеше главната расправа.

„Мислам дека праксата е многу важен дел од нашето образование, со оглед дека се работи за стручни предмети“, вели таа.

Учениците ја подготвувале симулацијата цели два месеци.

„Професорката Снежана Бриндевска и професорките што ја предаваат практичната настава ни помогна премногу“, открива Олга Карева, која ја изведе улогата на едниот бранител во постапката.

Професорката по предметот Основно и јавно право, Снежана Бриндевска,  која заедно со своите колешки по практична настава изминативе два месеци работела на проектот, смета дека ова е многу корисно искуство за учениците.

„Направивме спој на теоријата и праксата со цел учениците да видат како се применува во пракса теоретскиот дел, што сигурно ќе им биде од голема корист бидејќи дел од нив еден ден сигурно ќе бидат судии, адвокати и обвинители“, објаснува таа.

Учениците го искажаа своето задоволство со благодарници до сите што им помогнале во реализацијата на проектот.

Од Службата за односи со јавност на Судот потенцираат дека денешниот настан е дел од заложбите за транспарентност и отвореност на Судот кон јавноста, како и можност за соработка со  средношколците кои се интересираат за работата на Кривичниот суд.

E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk

ФОТОГАЛЕРИЈА:

 

Фото: Наке Батев