/ Прочитано:

1.488

Францускиот претседател во Европскиот суд за човековите права

Претседателот на Република Франција, Емануел Макрон, оствари официјална посета на Европскиот суд за човековите права во Стразбур. За време на својата посета, информираат од ЕСЧП, претседателот Макрон се сретна со судиите на Европскиот суд за човековите права и имаше официјално обраќање во Судот. Ова е прв пат, посочуваат од ЕСЧП, францускиот претседател да се обрати во Судот.

Во своето воведно излагање, претседателот на Европскиот суд за човековите права Гидо Риамонди, истакна дека Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, пошироко позната како Европска конвенција за човекови права, овозможи да станат ефективни одредени права наведени во Универзалната декларација за човекови права, која е донесена од страна на Обединетите нации во Франција. Демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите слободи и права се заедничките вредности на двата клучни меѓународни акти.

Во насока на почитувањето на  Европската конвенција за заштита на човековите права, францускиот претседател Емануел Макрон пред Европскиот суд за човековите права во своето обраќање пред судиите стави акцент на почитувањето на човековите права од аспект на новиот француски Закон за борба против тероризмот, кој од денес влегува во сила во Франција.

„Законот е ефикасен, ги почитува и штити човековите права и е во рамките на Европската конвенција за заштита на човековите права, која на 830 милиони Европејци им гарантира сигурна заштита во светот и претставува модел за целото човештво“, истакна  Макрон.

Француското Национално собрание, на почетокот од минатиот месец, со големо мнозинство го усвои Законот за борба против тероризмот. Со овој Закон треба да се овозможи примена на некои мерки од вонредната состојба, воведена од претходната Влада по нападите на 13 ноември 2015 година. Вонредната состојба, која им дава на властите исклучителни овластувања, требаше да биде само привремена мерка, но е продолжена шест пати поради напади и постојана закана од тероризам.

Законот наиде на критики кај дел од француската јавност како „напад врз слободите и правата“, особено во поглед на одредби од Законот во врска со притворањето на осомничените лица, како и во поглед на проверките на идентитетот.

Во Европската конвенција за заштита на човековите слободи и права се пропишува дека секој човек има право на слобода и на безбедност и дека никој не смее да биде лишен од слобода, освен врз основа на закон и во случаи предвидени во Конвенцијата, како што е, на пример, случајот кога лицето е уапсено или притворено поради приведување пред надлежна судска власт, кога постои оправдано сомнение дека тоа лице извршило кривично дело, или кога постојат оправдани причини тоа лице да се спречи да изврши кривично дело, или по извршувањето на кривичното дело да побегне.

Дополнително, во Европската конвенција за заштита на човековите права, поконкретно во членот 15, се пропишува и дека во случај на војна или некоја друга општа опасност, која го загрозува животот на нацијата, секоја висока страна договорничка може да презема мерки кои отстапуваат од обврските предвидени со оваа Конвенција, и тоа строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата и под услов таквите мерки да не бидат во спротивност со другите обврски што произлегуваат од меѓународното право.

M.В