/ Прочитано:

1.508

Францускиот суд треба да донесе одлука за екстрадиција на Рамуш Харадинај

Иако, портпаролот на судот во Колмар, Мари Елен Калвано, не прецизира со сигурност дали Харадинај ќе ѝ биде испорачан на Србија, светските агенции веќе пишуваат дека поранешниот косовски премиер и командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК) се соочува со можна екстрадиција. Аријанит Коци, адвокат на Харадинај, претпладнево потврди дека неговиот клиент ќе се појави во судот во Колмар и дека се очекува негово ослободување. Коци изјави дека француските истражители денеска би требало да ги разгледаат сите можности за тоа дали постојат причини да не се спроведе барањето на Србија за негова екстрадиција.

Харадинај

Судот во францускиот град Колмар во текот на денешниот ден ќе одлучи дали Рамуш Харадинај, кој е поранешен затвореник на Хашкиот трибунал против кого беше поведено обвинение за воени злосторства сторени во 1998 и во 1999 година во Косово, ќе биде задржан во притвор додека трае процедурата за негово предавање на српските власти или ќе биде ослободен, но под судски надзор.

Иако, портпаролот на судот во Колмар, Мари Елен Калвано, не прецизира со сигурност дали Харадинај ќе ѝ биде испорачан на Србија, светските агенции веќе пишуваат дека поранешниот косовски премиер и командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК) се соочува со можна екстрадиција.

Аријанит Коци, адвокат на Харадинај, претпладнево потврди дека неговиот клиент ќе се појави во судот во Колмар и дека се очекува негово ослободување. Коци изјави дека француските истражители денеска би требало да ги разгледаат сите можности за тоа дали постојат причини да не се спроведе барањето на Србија за негова екстрадиција.

Во меѓувреме, српскиот премиер Александар Вучиќ истакна дека Обвинителството за воени злосторства има повеќе основи за кои го товари Харадинај и дека никој нема право да ги урива одлуките на Обвинителството на Србија, како независен орган.

„Што друго да правиме освен да бараме негова екстрадиција. Очекуваме дека  Франција како правна држава ќе постапи во согласност со правото“, изјави денеска премиерот на Србија, Вучиќ.

Рамуш Харадинај, актуелен претседател на Алијанса за иднината на Косово, беше уапсен синоќа од  страна на француската полиција врз основа на меѓународна потерница издадена од страна на Србија во 2006 година. Потерницата против Харадинај беше распишана поради сомневања за извршени воени злосторства во 1998 и во 1999 година во времето кога беше еден од командантите на Ослободителната војска на Косово.

На Харадинај му се судеше во Судот во Хаг, но во 2012 година тој беше ослободен од сите обвиненија.

А. Б.