/ Прочитано:

1.538

ФРЧКОСКИ: „Специјалната обвинителка треба да има шанса“

За работата на специјалната обвинителка потребни се интегритет и храброст, многу работа и анализа. Обвинителката треба да направи приоритети за случаите, а главната работа е одговорноста за тајното прислушување, вели за Академик професорот Љубомир Фрчкоски.

Законот не противуставен

Фрчкоски смета дека Закoнот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите  не е противуставен и вели дека таквите, како што потенцира, обвинувања се дел од политичка тактика за опструкција на работата на специјалниот јавен обвинител.

„Таквите обвинувања се обиди да се опструира работата на специјалниот обвинител доколку се поведе постапка пред Уставниот суд, кој е под доминација на извршната власт, а со цел да се држи отворено тоа прашање, дали е уставен или неуставен, па евентуално да го пресечат во ноември или декември кога ќе почнат кривичните пријави да излегуваат од специјалното Обвинителство. Тоа е политичка тактика. Тука нема ништо околу правната и вистинска содржина на противуставност. Имено, овде се  работи за институција која е во рамките на, генерално, независноста, иако обвинителите не се независни никогаш како што тоа е судството и во таа смисла, законот е креиран како резултат на еден колапс на институциите поради нивната партизација, а особено на обвинителството“, вели Фрчкоски.

Интервенцијата на меѓународната заедница беше неопходна

Од тие причини, додава тој, интервенцијата на меѓународната заедница била неопходност и смета дека таа треба да продолжи. Фрчкоски истакнува дека институциите не можеле да функционираат нормално за да ја решат кризата и затоа била потребна, како што вели, робусна меѓународна интервенција од таков тип.

„Мислам дека ваквата робусна меѓународна интервенција треба да продолжи и во контекст на работата на специјалниот јавен обвинител се до разрешување на големата афера со прислушувањето и серијата на стотици кривични дела поврзани со неа“, вели професорот. Тој додава дека на обвинителката во таа насока и претстои „многу работа“.

Главната работа е прислушувањето

„Обвинителката треба да се фати за работа и да ги анализира случаите со тимот. Таа треба да направи приоритети за случаите за кои може многу брзо да излезе. Ќе биде голем притисок и интерес за нешто што е горе доле отворено и јасно, за серијата јасни кривични дела кои се препознаваат низ телефонските разговори, на пример рушењето на Космос, фалсификувањето на лични карти, крадењето на кеси со изборен материјал, злоупотребата на полицијата и насилство на изборите во Охрид. Најјасно е можеби корупцијата при купувањето на опремата од  Израел. Ова се кривични дела кои би можеле да се завршат за два три месеци, на пример до месец јануари би можеле да се процесуирани како обвинителни акти. Има кривични дела и сложени случаи кои бараат повеќе работа, а тоа е самото тајно прислушување. Мора да се види кој е одговорен за тоа, да се реотвори случајот, обвинетите да се повикаат за сведоци бидејќи се главни сведоци, точно да се лоцира одговорноста итн. Тоа всушност е главната работа“, истакнува Фрчкоски, подвлекувајќи дека меѓународната заедница како фактор ќе одигра улога и во понатамошниот процес, во смисла на неговата судска објективност и мониторирање.

Ќе биде потребна меѓународна правна помош

Тој образложува дека клучно ќе биде и прашањето за меѓународната правна помош во однос на експертизата на доказниот материјал во врска со снимките, процесуирањето на доказите во тoј контекст, но и понатамошното расветлување на прашањата и сомнежите за корупција. Професорот посочува дека покрај стручната помош за експертиза на доказниот материјал, меѓународната правна помош е потребна и за истражувањето на, како што вели, сметки во даночните финансиски раеви.

„Потребна е меѓународна соработка. Има механизми за тоа, банките реагираат соодветно на тоа. Или за истражување на сметки во даночните финансиски раеви. За ова ќе биде потребна поширока меѓународна помош, но тука има и меѓународни стандарди кои функционираат во таа смисла“, укажува Фрчкоски, додавајќи дека голема соработка во врска со одредени прашања ќе има и со израелските служби.

„Израелската служба ќе достави се што треба, таа веќе еднаш тоа го направила за еден претходен случај со поранешен министер. Израелските служби кажале се за тој случај и по таа рекција на Израелците, се заклучува дека истото може да го направат и за овој случај“, смета Фрчкоски.

За работата на обвинителката потребни се интегртитет и храброст

Тој посочува дека покрај прашањата во организациона смисла, многу битно ќе биде обвинителката со своите соработници понатаму интензивно да работи за расчистување на сите случаи и предмети во разумен рок.

„Но, сосема е јасно дека за нејзината работа потребен е интегртитет и храброст овој процес да се изоди. Обвинителката треба да има шанса“, резимира Фрчкоски.

М.В

18.9.2015