/ Прочитано:

1.537

Функционирањето на правосудството според Извештајот на Европската комисија за Република Македонија

Собранието на Република Македонија треба да го разгледа Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2016 година, во кој се вели дека правосудниот систем на земјата има одредено ниво на подготвеност.

Сепак, назадувањето, се вели во Извештајот, продолжи и ова создава сериозна загриженост. Реформите од минатата декада продолжија да бидат поткопувани од политичкото мешање во работата и назначувањата во судството.

Немаше напредок во однос на минатогодишните препораки или во однос на нерешените прашања што веќе беа утврдени во претходните извештаи и во „Итните реформски приоритети“. Не смее да се попречува работата на Специјалното јавно обвинителство.

Земјата, се вели во Извештајот, треба особено: да ги деполитизира системите за назначување и унапредување во практика, не само во закон и да обезбеди целосна поддршка и ресурси за Специјалното јавно обвинителство.

Според Извештајот, Република Македонија треба да спроведе и реформа на системот за дисциплински мерки и разрешување на судиите, во согласност со препораките на ЕУ и Венецијанската комисија и да развие сериозна стратегија за судска реформа и акциски план кои ќе одговорат на преостанатите недостатоци на одржлив начин.

Подобрувањето на стратешкото планирање, процената на потребите, управувањето и распределбата на ресурси во рамките на судството, вклучително и во рамките на Министерството за правда, исто така се нотирани во Извештајот.

Во Извештајот се нагласува и дека во Република Македонија немало напредок во обезбедување на функционална независност на правниот систем и продолжиле известувањата за селективна правда во определени високопрофилни или политички чувствителни судски предмети. Етичките кодекси за судии (2006) и обвинители (2004) се воспоставени, се вели во Извештајот, но има малку докази за ефикасно следење на усогласеноста.

„Интернет пристапот до судската практика, а особено можноста за пребарување треба да се подобрат во согласност со ’Итните реформски приоритети‘. Сè уште е потребна постојана обука за да се подобри образложеноста на судските одлуки. Поттикнувањето на распоредување национални судии во ЕСЧП е помеѓу ’Итните реформски приоритети‘. Во однос на алтернативното решавање спорови, мала е искористеноста на опцијата за медијација. Земјата е набљудувач во Европската мрежа за судска обука“, се посочува помеѓу другото во Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2016 година.

M.В