/ Прочитано:

7.678

(ГАЛЕРИЈА) Шеста генерација слушатели на почетната обука во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“

Денеска во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ започна почетната обука за Академијата на 6-та генерација слушатели.

Шестата генерација слушатели во почетната обука ја сочинуваат 37 слушатели, кои својата обука ќе ја реализираат преку теоретскиот и практичниот дел.

Теоретскиот дел составен од 3 модули ќе трае 9 месеци и ќе се спроведува во Академијата за судии и јавни обвинители.

Практичниот дел трае 15 месеци и ќе се спроведува во основните судови и основните јавни обвинителства со проширена надлежност.

„Бидете етични, совесни и професионални и користете го искуството на предавачите и менторите. Градете цврст професионален профил кој ќе биде двигател за создавање на нов профил на европски судии и јавни обвинители и ќе ви овозможи да се справите со сите тешкотии и убавини на овие престижни професии“, им порача на идните судии и обвинители, директорката на академија, Анета Арнаудовска.

„Применувајте ги Уставот и законите бидејќи тоа е она врз основа на кое ќе живеете“, им порача државниот јавен обвинител Марко Зврлевски на слушателите на шестата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители.

Претседателот на Судскиот совет, пак, им порача на идните судии и обвинители да заборават на политиката. Вашата независност, подвлече Зоран Караџовски, зависи само од вас и од никој друг.

„Бидете чесни и морални. Вашата чест и морал пред себе ќе бидат одраз и кон надворешниот свет“, истакна Караџовски, додавајќи дека идните судии и обвинители мора да се придржуваат кон етичките кодекси и да заборават, како што нагласи, на политичките коментари и лајкови на социјалните медиуми.

За в.д. претседателката на Врховниот суд, Снежана Бајлозова, целите и функциите на судството не можат успешно да се остваруваат без стручно подготвени судии и јавни обвинители. Знаењето што ќе го стекнете на оваа обука, рече Бајлозова, како во теоретскиот така и во практичниот дел, ќе биде од огромно значење во вашата изградба како професионални, независни, непристрасни и ефикасни судии и обвинители и како ваш понатамошен вредносен и етички избор.

„Кога ќе бидете судии и јавни обвинители, секогаш пред вас да ги имате Уставот и законите на Република Македонија, како и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Доколку вашите одлуки, кога ќе бидете судии и јавни обвинители, се засноваат врз овие законски највисоки акти, тогаш никој ништо не ќе ви може, но доколку под разни влијанија направите грешка, тогаш нема кој да стои зад вас“, истакна претседателот на Советот на јавни обвинители на РМ, Петар Аневски.

Во согласност со Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, Академијата како институција врши прием и стручно усовршување на идните судии и јавни обвинители.

Академијата врши и континуирано стручно усовршување и унапредување на знаењата на веќе избраните судии и јавни обвинители при вршењето на нивната функција.

Усовршување и обука за професионално, етичко и стручно извршување на работните задачи, во согласност со закон и со меѓународните стандарди и принципи, исто така, е една од дејностите на Академијата за судии и јавни обвинители.

М.В