/ Прочитано:

1.046

Газдата и кираџијата спорат пред судијата: мажите во Германија смеат стоечки да уринираат

Понеделник, 26 јануари 2015 – Културата во тоалетот ретко излегува надвор од неговите врати. За мнозинството припадници на посилниот пол, уринирањето стоечки е најсилен израз на машкоста; за нивните сопруги и за девојките, пак, најголема препка во заедничкото домаќинство. Прашањето што наголемо се наметнува е: дали има мажот право стоечки да уринира? Под овој прашалник лежи болна точка кога се работи за германската култура. Најнаселената држава во Европа ја доби минатата недела првата пресуда со којашто се фрли виделина врз децениската недоумица на машкото уринирање од стоенка: еден од покраинските управни судови ја потврди привилегијата на мажите да си ја вршат „работата“ по своја волја.

Во тоалетите на угостителските објекти и на културните установи низ Германија, како и во јавните и во домашните тоалети – според некое непишано правило – задолжително се поставени налепници со кои мажите за замолуваат да не уринираат стоечки. За да не му се препушти ништо на случајот, лепенките често се поткрепени со соодветни илустрации што покажуваат како треба да се изведе „идеалната“ постапка. Машката популација во земјата знае често да се пошегува на своја сметка кога во јавноста се дискутира за добрите страни на поединците што си ја вршат „работата“ седнати. Германските карикатуристи отидоа дотаму што направија и пародија од илустрациите, седнувајќи го мажот, наместо на тоалетната школа, на подот од тоалетот. Како ќе ја погоди школката, останува прашање на личната процена.

Управниот суд во Диселдорф, главен град на покраината Северна Рајна-Вестфалија, минатата недела донесе пресуда што по многу децении фрли виделина врз мрачната недоумица: мажот може да ужива во привилегијата на уринирање од стоенка. Одлуката на судот му уследи на спор во кој сопственик на стан за домување сакал да задржи илјада и деветстотини евра од кауцијата вредна три илјади евра, којашто пред вселувањето ја оставил неговиот кираџија. Во поднесената тужбата газдата навел дека мермерниот под во бањата го изгубил својот сјај поради наталожените наслаги од урина. Судијата изречно настојувал на ставот дека станарите од посилниот пол не можат да понесуваат одговорност за каква било колатерална штета во домаќинствата и образложил дека не постојат никакви докази за долготрајноста на штетата предизвикана од урина врз мермерни подови.


Подготви: Далибор Стајиќ