/ Прочитано:

836

ГЕРМАНИЈА: Припадник на „Исламската држава“ седна на обвинителна клупа

Понеделник, 15 септември 2014 – Првпат осомничен член на организацијата „Исламска држава“ се наоѓа пред суд во Германија. Во Франкфурт почна процес против повратник од Сирија кој се борел на страната на терористичката милиција, пренесува „Дојче Веле“.

Германското обвинителство го товари осомничениот Германец; по потекло од Бад Хомбург; дека во втората половина од 2013 година се приклучил на терористичката милиција „Исламска држава“ и подготвувал тешко кривично дело во странство. Процесот протов повратникот од Сирија започна денеска во Франкфурт.

Крешник Б. е уапсен при враќањето во декември на франкфуртскиот аеродром и оттогаш се наоѓа во истражен затвор. Во јули 2013 година тој заедно со други исламисти заминал во Сирија за да се бори во тамошната граѓанска војна. Според обвинението, тој положил заклетва и станал дел од единица на странски борци, завршил обука за ракување со оружје и презел санитетски и стражарски должности.

Мала е веројатноста обвинетиот да учествувал во обезглавувањето на западни заложници. Генералното обвинителство меѓутоа смета дека Крешник Б. во Сирија се борел на страната на терористичките милиции против трупите на сирискиот претседател Башар ал Асад. Меѓу другото, и протерувањето на језидите од северен Ирак ја покажа бруталноста на радикалните борци на терористичките милиции. На викендот „Исламска држава“ повторно објави видео на кое се гледа отсекувањето глава на еден британски хуманитарен работник.

„Раководен од радикално-религиски ставови, тој имал намера, приклучувајќи се кон противниците на режимот на Асад, да учествува во создавањето на држава врз исклучително верски принципи“, соопшти Обвинителството.

Зошто тој  се вратил во Германија, засега не е познато. Набљудувачите очекуваат во текот на процесот тој да даде опсежни искази. Моментно не постојат укажувања дека обвинетиот се вратил во Германија со цел да планира тука терористички напади.

Како што пишува „Дојче Веле“, процесот  се одвива под строги безбедносни мерки и е следен со голем интерес од јавноста, не само домашната, туку и од странство.