/ Прочитано:

862

ГЕРМАНИЈА: Три години пробен период пред кандидатот да биде избран за судија

Среда, 17 декември 2014 – Вчера во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со Германската фондација за меѓународна правна помош „ИРЗ“, се одржа советување посветено на евалуацијата на судиите и јавните обвинители, во чии рамки беше презентирана и содржината на „Мислењето 17“ на Советодавниот совет на европските судии (ССЕС), во чиј фокус е токму темата на советувањето, известуваат од Академијата за судии и јавни обвинители.

На советувањето учествуваа претставници на Советот на судиите и Советот на јавните обвинители на Република Македонија, претседатели на судови, шефови на јавните обвинителства од сите инстанции, како и судии и јавни обвинители од сите инстанции.

Целта на советувањето беше да се разменат компаративни искуства во поглед на процесот на евaлуација во Република Македонија и СР Германија, како и да се понудат најдобрите примери од практиката за успешно извршена евалуација на судиите и јавните обвинители, којашто притоа нема да задира во нивната независност.

 За начинот на евалуација, за нејзиното значење, за критериумите за евалуирање, како и за последиците од извршената евалуација во СР Германија излагање имаше   д-р Герд Хајнрих Кемпер, поранешен судија на Вишиот управен суд во Магдебург и на Уставниот суд на покраината Саксонија Анхалт.

„Д-р Герд Хајнрих Кемпер посочи дека двете држави во голем дел имаат слични системи, односно во СР Германија судиите се независни и евалуацијата не влијае врз нивната независност, критериумите земени предвид при избор и назначување го гарантираат професионалното ниво на судијата, додека кај јавните обвинители разликата се состои во тоа што тие се должни да внимаваат на исполнување на задолженијата дадени од страна на шефот. Тоа што предизвика интерес е фактот дека, и покрај тоа што во Комисијата за евалуација има претставници од парламентот, а учествува и министерот за правда, сепак во СР Германија, не пости политичко влијание врз самата Комисија, бидејќи судиите го имаат приматот при одлучувањето во однос на евалуацијата на судиите“, се вели во известувањето од Академијата за судии и јавни обвинители.

Во своето понатамошно излагање, како што посочуваат од Академијата, д-р Хајнрих Кемпер подетално ги образложил сите барања што им се испорачуваат на судиите кога станува збор за унапредување.

 „Подвлече дека во СР Германија постои 3 години пробен период пред некој кандидат да биде избран за судија, како и тоа дека во тој период тој може да биде назначен да работи во кој било суд. Тоа што е многу значајно за успешно спроведена евалуација во СР Германија е секако статистиката што се води, а во која судиите се рангираат по различни основи, на пример: во согласност со бројот на решени предмети, оцените, итн. За крај тој истакна дека по спроведената евалуација судиите и јавните обвинители во СР Германија не трпат последици“, истакнуваат од Академијата.

Во согласност со темата на советувањето, од страна на директорот на Академијата, Анета Арнаудовска, како што се наведува во известувањето, било презентирано и усвоеното Мислење на КСЕС бр. 17 коешто во фокусот на својата содржина го има токму процесот на евалуација.

„Во рамките на своето излагање г-ѓа Аранаудовска, даде и краток компаративен преглед на системите за евалуација од другите земји што имаат поразличен систем од земјите со статус кандидат за членство во ЕУ или пак новоинтегрираните земји-членки на ЕУ. Како што истакна г-ѓа Арнаудовска, благодарејќи на својата долговековна правна традиција, во некои земји процесот на евалуација е пофлексибилен, што оди до таму што во некои земји тој претставува и разговор меѓу судиите за нивното постапување по одреден предмет. Г-ѓа Арнаудовска го искажа и ставот на речиси сите земји кои се дел од работната група на ССЕС, а тоа е дека процесот на евалуација мора да постои и дека тој е многу важен за да може да се следи работата на судиите и јавните обвинители. Заеднички именител за сите земји е тоа дека евалуацијата на судиите и јавните обвинители не би требало да влијае врз нивната независност, туку на евалуацијата треба да се гледа како на алатка која ќе им служи како на оние кои ја вршат евалуацијата така и на судиите и јавните обвинители за да можат прецизно да го следат напредокот и усовршувањето во својата професионална кариера“.

 За националните искуства, за начините и за критериумите за спроведувањето на евалуацијата, излагања имале и Петар Аневски, претседател на Советот на јавните обвинители на Република Македонија и  Влатко Самарџиски, член на Судскиот совет на Република Македонија, како претставници на двете тела кои, во согласност со законските прописи, се надлежни да ја евалуираат работата на јавните обвинители и на судиите во Република Македонија.