/ Прочитано:

1.640

Глобите не треба да го нарушат работењето на компаниите, туку да служат како превентивна мерка

Заеднички е ставот и на компаниите и на инспекциите дека висината на глобата не треба да предизвика нарушување на работењето, туку треба да служи како превентивна мерка – прво, да се изрече опомена, па доколку не се испочитува опомената, или доколку не се отстрани повредата во согласност со рокот, да се пристапи кон изрекување глоба.

akademik foto

Казните да се изрекуваат кога намерно се прават повреди на прописите поради прибавување корист со сторување на повредата и/или со тоа намерно се предизвикуваат штетни последици, велат од Стопанската комора на Република Македонија, која го презентираше извештајот од спроведеното анкетно истражување за инспекцискиот надзор во компаниите.

„Во периодот во кој се спроведуваше анкетното истражување, добиени се одговори од 440 компании различни по големина според бројот на вработени и според приходот остварен во последната финансиска година, како и од различни стопански дејности, со најголемо учество на компании од индустријата, градежништвото, транспортот и шпедицијата, текстилно-кожарскиот сектор, информатиката и компјутерското програмирање, металургијата, енергетиката, угостителството и туризмот и комуналната дејност. При тоа, 93 % од анкетираните компании имаат искуство со инспекциски надзори во нивното работење“, вели Билјана Пеева-Ѓуриќ од Стопанската комора на Македонија.

Во анализираниот период Државниот инспекторат за труд вршел најчеста контрола, со учество од 28 %; потоа следуваат Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за животна средина, со по 12%; а најмалку, со 1 %, вршеле контрола Агенцијата за лекови, Управата за сигурност во железничкиот систем, Државниот архив, Министерството за економија (концесии) и Државниот управен инспекторат.

Според одговорите на анкетираните компании, Државниот инспекторат за труд најчесто спроведувал надзор, што претставува учество од 38 % од одговорите, по што следуваат Државниот инспекторат за техничка инспекција со 11 %, Државниот инспекторат за животна средина и Агенцијата за храна и ветеринарство со 9 %.

Најчести санкции изречени од инспекциските органи спрема анкетираните претпријатија се: опомените, со 67 % застапеност; глоби само во 30 % од случаите, додека привремена забрана за вршење дејност не е изречена кај ниту една компанија која учествуваше во анкетата.

M.В