/ Прочитано:

1.024

ГОДИНАВА ВО СООБРАЌАЈКИ ЗАГИНАЛЕ 113 ЛИЦА: Време е да запрат кривичните дела на улиците!

Петок, 13 ноември 2015 – „Денови на сеќавање – време е да запрат кривичните дела на улиците“ е мотото на овогодинешната кампања на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП). Со оваа порака денеска беше најавен и почетокот на одбележувањето на Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди -15 ноември.

Според податоците на РСБСП,  во Македонија само во првите девет месеци од 2015 година случиле 100 сообраќајни несреќи со смртни последици, во кои животот го загубиле 113 лица, а 4.684 се повредени. Тоа е раст од 8,7 проценти и 4,6 отсто  во однос на 2014 година.

Брзото возење најчеста причина за предизвикување сообраќајни несреќи

Брзото возење со 522 незгоди е прва причина за предизвикување на сообраќајните несреќи со човечки жртви во 2015 година.

Непочитување на правилата за првенство на минување се причина за 487 незгоди, додека управување под дејство на алкохол е причина за 161 сообраќајна несреќа, покажува анализата на РСБСП.

По ранливи групи во сообраќајни несреќи во 2015 година досега животот го загубиле 37 пешаци, шестмина велосипедисти и 10 моторциклисти.

Анализата на состојбите во безбедноста на сообраќајот за периодот од јануари до септември 2015 година, по категории според вината, покажува дека по грешка на возачите се случиле 2.766 незгоди во кои загинале 109 лица, а по грешка на пешаците се случиле 105 несреќи во кои загинале осум, додека 101 лице се повредени.

Во рамки на кампањата ќе бидат орагнизирани повеќе активности меѓу кои: засадување дрвца и промоција на парк, пешачко дефиле, јавни трибини и едукативни предавања, крводарителска акција, ликовна изложба.