/ Прочитано:

959

ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ НА АМНЕСТИ ИНТЕРНЕШНАЛ: Во Македонија властите влијаат врз судството и ограничена е слободата на изразување

Според најновиот објавен извештај на „Амнести интернешнал“ (АИ), меѓународниот систем за заштита на човековите права во Европа и во Централна Азија во 2014 година бил на најниско место од падот на Берлинскиот ѕид.

Година на запирање на напредокот

Во Извештајот како основни причини за ваквата состојба се посочуваат руската анексија на Крим, војната во Источна Украина, зајакнувањето на авторитарните режими во поранешните советски републики во Централна Азија, ограничувањето на слободите во Турција и зајакнатото влијание на популистичките партии во Европа.

„2014 беше година на запирање на напредокот. Тоа беше година на движење назад“, се нагласува во документот, во кој се посочува и дека 2014 година била катастрофално лоша за цивилните жртви во конфликтите.

Салил Шети, генералниот секретар на АИ, по повод Извештајот истакна дека минатата година биле убиени милиони цивили, а 15 милиони луѓе биле иселени.

Најголем број бегалци по Втората светска војна

„Ова веројатно претставува најголемиот број бегалци по Втората светска војна”, изјави генералниот секретар на организацијата за време на прес-конференција во Лондон.

Генералниот секретар на АИ, Салил Шети, предупреди дека при испорачувањето на оружје за Украина постои опасност од нови нарушувања на човековите права,.

Во конфликтот во Украина е употребувано нелегално оружје

Според Извештајот, во конфликтот во Украина е употребувано нелегално оружје како што се касетните бомби.

„Од почетокот на борбите меѓу проруските сепаратисти и владините сили во април минатата година во земјата загинале околу 5.800 лица. Во Источна Украина и на двете страни во конфликтот не се преземени соодветни безбедносни мерки за заштита на цивилите, со што се нарушуваат правилата на водење војна“, се вели во Извештајот, во кој се нотира дека во Украина се регистрирани бројни киднапирања, измачувања и масовни убиства, извршувани од единиците на доброволци кои се борат на страна на владините сили, како и од групации, кои се борат за сепаратистите.

Во Македонија властите влијаат врз судството и полицијата

Во делот на Извештајот за Македонија се истакнува дека опозициската партија СДСМ не ги признава резултатите од последните парламентарни избори, додека властите го зголемуваат влијанието врз полицијата и судството.

„Амнести интернешнал“ посочува дека Европската комисија повторно дала позитивна препорака за отворање на преговорите на Македонија со Европската унија, но дека Европскиот совет по шести пат ја одбил оваа препорака.

Затегнати односи меѓу Македонците и Албанците

„Односите меѓу Македонците и етничките Албанци останаа затегнати. Во мај апсењето на ученик Албанец осомничен за убиството на ученик Македонец предизвика дводневни меѓуетнички безредија во Ѓорче Петров. На 30 јуни шест етнички Албанци, од кои двајца во отсуство, беа осудени на доживотен затвор поради убивањето на пет етнички Македонци кај Смилковци во април 2012 година, што беше посочено како тероризам. Илјадници Албанци маршираа низ центарот на Скопје извикувајќи: „Ние не сме терористи“. Мирните протести ескалираа пред Судот кога полицијата употреби прекумерна сила против демонстрантите, вклучително и гумени куршуми, солзавец, шок-бомби и водени топови”, нотира организацијата за протестите по пресудите во случајот „Монструм“.

Воените злосторства од 2001 година останаа неказнети

„Воените злосторства и злосторствата против човештвото коишто се случија за време на внатрешниот вооружен конфликт во 2001 година останаа неказнети. Не беа преземени никакви мерки да се лоцираат телата на тринаесеттемина исчезнати по вооружениот конфликт“, се наведува во Извештајот.

Случај „Калид ел Масри“

Амнести потсетува, според американскиот извештај, дека Македонија соработувала со ЦИА во случајот на апсењето на Калид ел Масри во 2003 година, односно за случајот кога овој германски граѓанин по грешка беше идентификуван како баран исламист и ѝ беше предаден на ЦИА, која го однела во Авганистан каде што бил мачен и испрашуван.

Значително ограничена слобода на изразување

„Амнести интернешнал“ забележува за рекламирањето на Владата во медиумите и за пристрасноста во провладините медиуми. Укажува и на случајот на Томислав Кежаровски, осуден поради откривањето на името на заштитен сведок во процес за убиство, што предизвика повици за негово ослободување од домашни и странски организации за заштита на слободата на изразувањето.

„Слободата на изразување беше значително ограничена. Властите прекумерно влијаеја врз полицијата и судството. Иако Европската комисија повторно препорача дека треба да почнат разговорите за пристапување кон ЕУ, во декември Советот на министри по шести пат ја одложи одлуката“, се вели во Извештајот.

Дискриминација врз Ромите и врз ЛБГТ заедницата

Во извештајот на „Амнести интернешнал“ се наведува и дискриминацијата врз Ромите, вклучително и одземањето на пасошите на граѓаните кои биле депортирани од европски земји по неуспешен обид да добијат азил, како и нападот врз клубот на ЛБГТ во Скопје во октомври. Во Извештајот се посочува дека домицилната легислатива не се дополнила со регулатива која ќе обезбеди заштита од дискриминација врз основа на сексуалната ориентација.

„Продолжија обвинувањата против полициските службеници за несоодветно постапување со Ромите. Во мај двајца малолетни Роми, погрешно осомничени за крадење чанта, беа тепани од припадници на специјалната полициска единица Алфи. Постарото дете беше испрашувано во полициска станица 2 часа во отсуство на адвокат или на неговите родители и се здобило со модринки на главата, на вратот и на градите“, се посочува во Извештајот.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

25.02.2015