/ Прочитано:

966

ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА: Исплатени се 748 илјади денари на 37 адвокати за бесплатна правна помош

Четврток, 19 март 2015 – Во Регистарот на адвокати за давање правна помош запишани се нови 12 адвокати, по што вкупниот број на запишани адвокати за давање правна помош изнесува 262. Од Буџетот на Министерството исплатени се вкупно 770 илјади денари на 37 адвокати и 5 овластени здруженија вклучени во постапката на давање бесплатна правна помош, се наведува во Годишниот извештај за примената на Законот за бесплатна правна помош.

Бесплатна правна помош се одобрува во сите судски и управни постапки

Во согласност со членот 35 од Законот за бесплатна правна помош, Министерството за правда изготвува Годишен извештај во кој се содржани основните информации на кои се заснова правото на бесплатна правна помош.

Бесплатна правна помош се одобрува во сите судски и управни постапки доколку со неа се решава прашање од интерес за барателот на правната помош, и тоа: за права од областа на социјалното, здравственото, пензиското или инвалидското осигурување, работните односи, заштитата на деца, жртвите на семејното насилство, заштитата на жртвите од казниви дела, заштитата на жртвите од трговија со луѓе, признавање на правото на азил и имотно-правните прашања.

Во согласност со Законот, бесплатната правна помош се остварува како претходна правна помош и правна помош во управни и судски постапки. Во давањето претходна правна помош се вклучени подрачните одделенија на Министерството за правда и овластените здруженија. Адвокатите даваат правна помош во судските и управните постапки.

Формирана работна група која работи на изнаоѓање на соодветни решенија

Првично, од Министерството за правда посочуваат дека во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2014 година е нотирано дека земјата се наоѓа во напредна фаза која бара покомплексни подобрувања на законската регулатива, што меѓу другото се однесува на подобрување на пристапот до правдата за повеќе ранливи членови на општеството поради што делот „Пристап до правдата“  е земен предвид како важен сегмент во изготвувањето на Стратегија со Акциски план за реформа на правосудниот систем 2015 – 2020 година.

„Имајќи ја предвид интенцијата за подобрување на законската рамка, секако, водејќи се од основната премиса за унапредување и демократски развој, во рамки на Министерството за правда е формирана работна група која работи на изнаоѓање на соодветни решенија кои ќе бидат спроведливи на долг рок, а кои предвидуваат и ревидирање на Законот за бесплатна правна помош“, велат од Министерството за правда.

„Бројот на одобрените барања изнесува 114“

Според Извештајот, до подрачните одделенија на Министерството за правда биле поднесени вкупно 270 барања за остварување на правото на бесплатна правна помош .

Во периодот од 1.1.2014 година до 31.12.2014 година биле донесени се 254 решенија. Бројот на одобрените барања изнесува 114, а бројот на одбиените барања изнесува 140.

 За 7 поднесени барања запрена е постапката со заклучок поради откажување на странката –подносителот на барањето од натамошно водење на постапката и донесени се 4 заклучока за запирање на користењето на правото на бесплатна правна помош поради промена на околностите.

Воедно, во 2014 година поднесени се првите барања за бесплатна правна помош од лица баратели на право на азил. Имено, за истиот период (1.1.2014 – 31.12.2014 година ) поднесени се 25 вакви барања, од кои за 24 е донесен заклучок за запирање на постапката, додека, пак, за 1 барање е одобрена бесплатна правна помош.

Најголемиот дел од одобрените барања се однесуваат на решавање на имотно-правните прашања

„Најголемиот дел од одобрените барања се однесуваат на решавање на имотно-правните прашања, потоа следуваат заштитата на жртвите на семејно насилство и заштита на деца, додека, пак, другите правни области, како што се социјалната заштита, пензиското, социјалното и здравственото осигурување и работните односи, се помалку застапени“, велат од Министерството за правда.

Во Регистарот на адвокати за давање на правна помош запишани се нови 12 адвокати

Во Регистарот на адвокати за давање на правна помош запишани се нови 12 адвокати, по што вкупниот број на запишани адвокати за давање на правна помош изнесува 262, додека, пак, со решение на министерот Уп1.бр.11- 700/2 од 15.10.2014 година 1 адвокат е избришан од Регистарот поради зголемен обем на работа.

770.701,00 денари на 37 адвокати и 5 овластени здруженија

Од Буџетот на Министерството исплатени се вкупно 770.701,00 денари на 37 адвокати и 5 овластени здруженија вклучени во постапката на давање бесплатна правна помош.

На овластените здруженија за дадена претходна правна помош извршена е исплата на средства во износ од 22.600,00 денари, а исплатената награда на адвокатите за дадена правна помош изнесува 748.101,00 денари.

>>>Годишен извештај на Министерството за правда

M.В / veljanoskim@akademik.mk