/ Прочитано:

941

Годишен извештај за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2012 година

Среда, 3 април 2013 – Двократно е намален бројот на примени предмети во однос на претходните години, стои во Годишниот извештај за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2012 година. Комисијата постапувала по 561 предмет, а против нејзините одлуки се поднесени 64 тужби до Управниот суд. Во Комисијата работат 15 лица, но во нивниот извештај навеле дека бројката е многу мала во однос на нивниот обем на работа. 

Во текот на 2012 година до Државната комисија за жалби по јавни набавки пристигнати се и оформени вкупно 585 предмети со вкупно 658 жалби, од кои 24 предмети се пренесени од 2011 година (од причина што овие предмети не биле комплетирани со документација, бидејќи жалбите во овие предмети се пристигнати кон крајот на декември 2011, при што рокот за доставување на документација од страна на договорниот орган кој изнесува 5 дена од денот на приемот на жалбата, истекувал на почетокот на наредната 2012 година), а останатите 561 предмет се новопристигнати во 2012 година. Од вкупно 585 предмети за работа во 2012 година, решени се 561 предмет со вкупно 633 жалби, додека нерешени предмети поради некомплетна документација и пренесени во 2013 година се 24 предмети со вкупно 25 жалби, стои во Извештајот. 

Против решенијата донесени од страна на Државната комисија, според податоците на Управниот суд на Република Македонија изјавени се вкупно 64 тужби.

Комисијата брои 15-тина вработени лица. Па оттаму наведуваат дека е зголемен обемот на работа на Државната комисија во однос на постапувањето по изјавените жалби во постапките за доделување на концесии и јавно приватно партнерство. Оттука заклучуваат дека Комисијата е недоволно екипирана и доколку оваа состојба не се промени, во иднина би можело да биде проблем при извршувањето на нејзините обврски согласно Законот.