/ Прочитано:

2.087

„Говорот на Робеспјер пред француските пратеници е најмашкиот говор на светот“ – ЖАНЕТА БОГОЕСКА, претседателка на Клубот на оратори

Јавното говорење помага да се развие политичката култура, да се осознаат правата и слободите кои се основа на секоја демократија. Јавното говорење е она кое може да придонесе до развој на сите алатки на општеството. Клубот на оратори е единствената организација во Република Македонија која е овластена да се занимава со јавно говорење и реторички вештини. Поаѓајќи од демократското политичко уредување на нашата татковина, Република Македонија, како и од уставно гарантираните слободи на мисла и уверување, на слободното изразување на мислата, како и од слободата на јавен говор, а имајќи го предвид еволуциониот развиток на ораторството од антиката до денес и нашата решеност да го здружиме нашиот талент и да го развиеме говорништвото како уметност на комуникацијата меѓу луѓето, вели за Академик Жанета Богоеска, претседателка на Клубот на оратори, кој традиционално втора година по ред ја организира Хуманитарна ораторска вечер „Ноќ на беседи“ оваа година под мотото „Од историја до хуманост“.

Која е мисијата и кои се целите на Клубот на оратори?

Клубот на оратори е единствената организација во Република Македонија која е овластена да се занимава со јавно говорење и реторички вештини. Поаѓајќи од демократското политичко уредување на нашата татковина, Република Македонија, како и од уставно гарантираните слободи на мисла и уверување, на слободното изразување на мислата, како и од слободата на јавен говор, а имајќи го предвид еволуциониот развиток на ораторството од антиката до денес и нашата решеност да го здружиме нашиот талент и да го развиеме говорништвото како уметност на комуникацијата меѓу луѓето, свесни за моќта на зборот, наши главни цели се да го унапредиме општеството во кое живееме; да се бориме за доброто на секој човек, за неговите слободи и права и да ја спречиме злоупотребата на говорот на цели спротивни на основните човекови вредности.

 Кога е основан, каков е неговиот историјат и колку членови брои Клубот на оратори?

Клубот е основан 2001 година од група млади ентузијасти, учесници на Ораторските вечери „Иво Пухан“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје. Од своето формирање до денес Клубот брои повеќе од 400 члена, најчесто студенти и средношколци. За сите овие години на Клубот низ школата за јавно говорење и реторички вештини поминале бројни личности од јавниот и од медиумскиот живот во Република Македонија. Сите оние што сакаат да бидат наши членови се стекнуваат со можноста да ги совладаат техниките на јавното говорење, а со самото тоа и да бидат поуспешни во својата професија. Кај нас, освен тоа како да се биде добар говорник, може да се научи и како успешно да се совлада тремата, како да се подобрат дикцијата и правилниот изговор, како да се развие способноста за пишување (говори, тези, есеи), како и што поуспешно да се напише CV и како да се претставиш себеси на интервју за работа. Цели и задачи на Клубот на оратори откривање, поттикнување, анимирање, обучување и афирмирање на идните потенцијални ретори; поттикнување и развој во есеистиката и говорништвото; промовирање на принципот на етичност во говорењето; развивање на индивидуални стилови во говорењето и ослободување и развој на мислата. Ораторството низ призмата на општествената одговорност – какви проекти реализирате со цел да се поттикнат хуманите, правните и културните вредности во општеството? Клубот на оратори организира разни настани, како што се: хуманитарна ораторска вечер за поттикнување на хуманоста кај луѓето, организира разновидни панел дискусии на разни теми за доброто на општеството, организира обуки и работилници за јавно говорење и реторички вештини, со што придонесува кон развој на ораторските вештини .

Поконкретно, што претставува настанот „Ноќ на беседите – од историја до хуманост“?

Клубот на оратори традиционално втора година по ред организира Хуманитарна ораторска вечер „Ноќ на беседи“ овој пат под мотото „Од историја до хуманост“. Како што нагласив, бидејќи ова е настан со хуманитарен карактер, го работиме заедно со општинската организација на Црвениот крст –Центар во склоп на проектот ПХВ, со кој младите имаат можност да се обучат за реализирање на мали проекти за доброто на општеството. Оваа година љубителите на убавиот збор имаа исклучителна можност да чујат 9 антологиски беседи, кои несомнено ги обележале времето и настаните кога за прв пат биле изговорени. Средствата собрани од оваа вечер ќе бидат донирани за едно социјално загрозено семејство од Општината Ѓорче Петров .

Што ве поттикна вас лично да бидете дел од Клубот?

Што ме поттикна? Па, пред точно седум години ја запознав љубовта на мојот живот, а тоа е јавното говорење. Се пријавив на ораторски натпревар во моето средно училиште, каде што беа дојдени обучувачи од Клубот на оратори, и тука започна мојата приказна. Кога за прв пат дојдов во Клубот на оратори, сфатив дека тоа е она што сакам да го работам во мојот живот. Стануваше збор за млади ентузијасти кој нудеа неформално образование какво што нема никаде, млади луѓе кои несебично го пренесуваа своето знаење и искуство, млади луѓе кои функционираа како едно семејство. И не случајно го спомнав неформалното образовани, тоа е она што беше најјакиот поттик, од причина што сметам дека младите ќе го изгубат епитетот апатични само доколку малку повеќе се посветат надвор од магичниот свет на формалното образование.

Кој историски говор најмногу ве импресионирал?

Говорот на Максимилијан Робеспјер пред француските пратеници. По седум години се почувствував подготвена да го донесам на сцената најмашкиот говор на светот и се одлучив тоа да биде на Хуманитарната ораторска вечер каде што и го изведов овој говор. Станува збор за говор полн со аргументи, кој сам по себе тежи големо богатство, знам многумина што ќе ми речат дека е многу радикален поради реченицата во која вели: „За доброто на татковината треба да се испосечат само неколку глави “, меѓутоа она што ме освои не беа исечените глави туку добро аргументираните тези против својот противник, затоа што во денешно време многу е тешко да се прочита еден добро аргументиран говор за кој нема да постои реплика .

Како се совладуваат ораторските вештини во Клубот, што е она на што особено треба да се посветат ораторите?

Ние од Клубот на оратори се водиме од максимата ПОЕТОТ СЕ РАЃА, А ОРАТОРОТ СЕ СОЗДАВА и токму затоа велам нека дојде во Клубот на оратори секој оној што ќе посака да ги подобри своите ораторски вештини, со заеднички труд и со посветеност секој оној што тропнал на нашата врата од неа излегол како добар оратор. Немаме магично стапче, но имаме знаење и техника која е единствена и сертифицирана и која се пренесува од генерација на генерација во Клубот на оратори.

Каква е улогата на јавното говорништво во градењето на правната и политичката култура?

Нема сомнеж дека јавното говорење му е потребно секому и секаде. Со јавното говорење се среќаваме дома, на работа, на улица, тоа ни е основната алатка за просперитет во општеството. Јавното говорење помага да се развие политичката култура, да се осознаат правата и слободите кои се основа на секоја демократија. Јавното говорење е она кое може да придонесе до развој на сите алатки на општеството.

Кои се вашите следни планови како Клуб на оратори?

Овој период бевме зафатени со два големи проекти, едниот беше Хуманитарната ораторска вечер, а другиот беше реализирање на обука за јавно говорење на студентите питомци на Воената академија. Нешто што нè очекува е нашата најголема обука за јавно говорење и реторички вештини, па ќе ја искористам оваа можност да ги повикам сите заинтересирани, независно од нивната возраст, полот или етничката припадност, да дојдат и да бидат дел од нашата обука со која што по завршувањето ќе добијат уникатен сертификат за познавање на јавно говорење и реторички вештини. За повеќе детали можат да нè следат на нашата страница на фејсбук „Forum Оratores“ или на нашата официјална веб-страница www.klubnaoratori.мк Исто така, нешто што нѐ очекува е нашиот проект за етика во говорењето, за кој се приклучивме на националната кампања за говор на омраза, како и традиционалната Ораторска вечер „Иво Пухан“, во која Клубот на оратори е дел од организацискиот и обучувачкиот одбор, на која можат да се пријават сите студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. За крај, би сакала да ги поканам сите заинтересирани кандидати да се приклучат на големото семејство кое се занимава со јавно говорење и реторички вештини. Ние од Клубот на оратори сме отворени за сите заинтересирани од 11.00 до 14.00 часот секој работен ден во нашата канцеларија која се наоѓа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ –Скопје. И не заборавајте: ПОЕТОТ СЕ РАЃА, А ОРАТОРОТ СЕ СОЗДАВА .

М.В / veljanoskim@akademik.mk

6.01.2015