/ Прочитано:

17.133

Град Скопје: Најголемото загадување на воздухот во градот е последица од начинот на затоплување на домаќинствата

Анализата спроведена од страна на градските власти потврди дека најголемото загадување на амбиенталниот воздух во главниот град е последица само од начинот на кој се затоплуваат домаќинствата. Екологистите сметаат дека е добро што за прв пат по толку години градските власти јавно проговорија дека начинот на кој се затоплуваат домаќинствата е најголем причинител за загадувањето на воздухот, па во таа насока апелираат државата да ги понуди најдобрите алтернативи за да се спречи овој проблем.

Скопје загадување

Максималните дозволени концентрации на честичките ПМ 10 во амбиенталниот воздух во Скопје постојано се надминати, но и во другите градови во земјава, како што е случајот во Тетово, Битола и во Куманово. Граѓаните велат дека загадувањето е последица на нискиот стандард во Македонија. Посебно е критично во зимскиот период, односно за време на грејната сезона, кога за затоплување на домовите се користи сè и сешто.

„Сè повеќе го чувствуваме загадениот воздух. Болниците се преполни со пациенти кои страдаат од заболувања на дишните органи. Исто е и во лето и во зима. Во текот на летото виновни се издувните гасови од автомобилите – во текот на зимата начинот на кој се греат луѓето. Невработеноста придонесува за сето тоа. Граѓаните не можат да си дозволат нови автомобили, ниту пак имаат поевтина алтернатива за затоплување. И кога некој ќе ме праша на што мириса воздухот денеска, јас му одговарам дека мириса на сиромаштија. Тоа е најголемиот проблем во Македонија.“

„Мислам дека сите апели на надлежните институции за користење на градскиот превоз и за користење велосипеди се бескорисни. За да биде сè како што треба, за квалитетен живот, за чиста животна средина, најважен е пред сè менталитетот на луѓето и секако стандардот, a кај нас го нема ниту едното, ниту другото.“ 

„Ова што ни се случува дефинитивно ги повредува основните човекови права. Ние како жители на овој град немаме право на здрава животна средина. Мора да се направи нешто, а за тоа мора да се преземаат активности и од страна на надлежните институции, но и од страна на самите граѓани кои треба да имаат многу поголема свесност за проблемот.“

„Ние живееме во центарот на Скопје и се грееме на централно греење за кое плаќаме околу 4 000 денари месечно. Замислете ги луѓето во приградските населби. Прво, не се приклучени на централно греење; второ, и да се приклучени, не можат да си го дозволат поради висината на месечните сметки за негово користење, затоа најчесто се греат на дрва. За жал, голем дел од домаќинствата не горат само дрва, туку користат и гуми од возила и камиони и стар мебел. Согорувањето на сето ова емитира високозагадувачки материи во воздухот. Така е со години.“ 

И анализата спроведена од страна на градските власти потврди дека најголемото загадување на амбиенталниот воздух во главниот град е последица само од начинот на кој се затоплуваат домаќинствата.

„Градот Скопје, во соработка со Финскиот институт за метеорологија, со Австриската агенција за животна средина и со Министерството за животна средина и просторно планирање, изработи сеопфатен план за квалитетот на воздухот во Скопје. Овој план покажува дека најголемото загадување на воздухот во Скопје со честички ПМ10 потекнува од затоплувањето на домаќинствата, и тоа со 32 %. Потоа следуваат: сообраќајот со 20 %, прашината создадена од неуредените површини, уличната прашина и прашината од градежните активности – 19 %, индустријата – 18 %, сулфатните соли – 7 %, нитратните соли – 2 %, и прекуграничниот пренос на загадувачки супстанции – 2 %“, нагласи градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, кој денеска ја презентираше студијата.

Интегрираниот катастар на загадувачите, пак, кој исто така беше објавен од страна на Град Скопје, е документ што ја дава целосната слика за состојбите во животната средина, како и сознанија за загадувачите кои не се во негова надлежност, а за кои нема подетални информации.

„Овие податоци отвораат можност навреме да се преземат мерки од страна на надлежните органи и од институциите на централно и локално ниво за да се спречат или да се надминат евентуалните нарушувања на животната средина во градот“, рече Трајановски.

За да се намали загадувањето во Скопје, односно за да се доведат концентрациите на загадувачките материи во дозволените граници, ќе бидат потребни повеќе години, дури и децении. Но, како што истакна Никола Јовановски од Град Скопје, во текот на наредните години ќе бидат преземени педесетина мерки за подобрување на квалитетот на воздухот на територија на целиот Скопски Регион.

„Не можеме да очекуваме дека со мерките што ги прелагаме ќе биде подобрен квалитетот на воздухот за кус период. Искуствата од најразвиените земји, многу побогати од Македонија, говорат дека била потребна долготрајна борба за обезбедување здрава животна средина за граѓаните. Тоа нè очекува и нас“, истакна Јовановски.

Екологистите сметаат дека е добро што за прв пат по толку години градските власти јавно проговорија дека начинот на кој се затоплуваат домаќинствата е најголем причинител за загадувањето на воздухот, па во таа насока апелираат државата да ги понуди најдобрите алтернативи за да се спречи овој проблем.

„Енергетската сиромаштија во една држава е најголемиот проблем кој има негативни последици врз животната средина. Ова е клучниот проблем на кој мора да се фокусира државата. Мора да се преземат активности околу гасификацијата во Градот Скопје. Само мал дел од градот е гасифициран, а во останатиот дел од Македонија воопшто нема гас. Треба да се размислува во насока и на искористување на обновливите извори на енергија. Тоа треба да биде иднината и сите треба да се фокусираме на овој концепт и на оваа стратегија, вели Александар Трпковски од Еколошкото друштво „Гоу грин“.

А. Б.