/ Прочитано:

14.800

Граѓаните можат барањата за издавање на изводи од матичната книга на родени да ги поднесуваат  по електронски пат

Граѓаните  може да поднесуваат барање за издавање изводи од матичната книга на родени по електронски пат. Поднесувањето на барањето и аплицирањето за извод на страницава мора да бидат лични. Барање може да поднесат физички и правни лица (адвокат, нотар и извршител), информира Управата за водење на матичните книги.

„Барањето за извод од матичната книга на родени може да се поднесе по електронски пат на e-portal.uvmk.gov.mk, при што граѓаните соодветно избираат во кое матично подрачје да го подигнат“, се вели во соопштението. „По поднесување на апликацијата за извод, се добива соодветна нотификација на е-маил адресата која е оставена за контакт, кога изводот може да се подигне од шалтерите на Управата. Граѓаните може да аплицираат за издавање на извод на родените на обичен, интернационален или двојазичен образец“, велат од Управата.

Од Управата за водење на матичните книги напомнуваат дека барање за издавање на изводи мора да се поднесе лично и изводот на шалтерите ќе мора да се подигне лично со покажување на документ за лична идентификација.

Управа за водење на матични книги, исто така, најавува дека до крајот на годината преку овој портал ќе биде возможно да се аплицира и за изводи од матичната книга на венчани и матичната книга на умрени и документите граѓаните да ги добиваат на  домашна адреса.

Ние направивме, истакнуваат од Управата, лесна и едноставна апликација за нарачување на изводи на родени, венчани и умрени, каде што целиот процес има јасни инструкции и лесни карактеристики за уредување кои ќе помогнат да се осигура точноста на вашата нарачка. Со оваа новина се овозможува да се забрза секоја процедура за да го добиете сертификатот (изводот) што е можно побрзо само со поднесување на електронското барање. Откако изводот ќе ви биде изработен, ќе добиете нотификација на вашиот е-маил за да го подигнете.

„Бидејќи кражбите на идентитет се во пораст, ние се залагаме за безбедност и заштита на вашиот идентитет онлајн. Побарувањето на изводот бара одредени (специфични) лични информации; сепак ние активно ги заштитуваме вашите информации со вклучување на строги мерки за безбедност во текот на нашиот процес, вклучувајќи целосна енкрипција и firewall заштита за вашата целосна онлајн трансакција“, истакнуваат од Управата.

Нарачувањето извод од матичната книга на родени по електронски пат нема да одземе дополнителни трошоци од вообичаената такса и цена на изводот, а тие подетално се објаснети во делот ЧПП (Често поставувани прашања).

„За да нарачате извод преку нашиот портал, треба да знаете дека само лично може да поднесете барање за изводот, не може да нарачате извод за друго лице. Исто така, извод може да нарачаат нотари извршители и адвокати со прикачување на полномошно од лицето за кое се однесува изводот, како и потврда од судско решение за оправдување на барањето за извод“, појаснуваат од Управата.

М.В