/ Прочитано:

1.443

Граѓаните сметаат дека најчесто биле дискриминирани во работните односи, здравството, образованието и пристапот до добра и услуги

Хелсиншкиот комитет за човековите права подготви годишен информатор за дискриминација кој ги претставува збирните податоци добиени од здруженијата на граѓани и институциите во областа на дискриминацијата во 2016 година.

Според добиените податоци може да се заклучи дека најчести основи за кои граѓаните сметаат дека биле дискриминирани се: етничката припадност, политичката припадност, здравствениот статус, полот и попреченоста. Најчести области во кои граѓаните сметаат дека биле дискриминирани се: работните односи, здравството, образованието и пристапот до добра и услуги. Според податоците во Годишниот извештај, во делот на покренување на свесноста за постоењето на  дискриминацијата, најактивни се здруженијата на граѓани.

Бројот на претставки поднесени пред Комисијата за заштита од дискриминација, велат од Хелсиншкиот комитет, е намален во споредба со претходните години, а Народниот правобранител води статистика за соодветната и правична застапеност и за случаите на дискриминација под една категорија, иако се работи за две различни области.

Од Хелсиншкиот комитет велат дека судовите не водат посебна статистика за судските постапки иницирани за заштита од дискриминација. Во однос на системското следење на дискриминацијата и водењето статистика, образложуваат од Комитетот, сметаме дека системите за собирање на податоци на надлежните институции за заштита од дискриминација сè уште немаат разделена статистика за случаите на дискриминација.

„Во овој дел препорачуваме судовите да започнат да водат разделена статистика за судските постапки иницирани за заштита од дискриминација, а Народниот правобранител да започне да води одвоена статистика за случаите на соодветна и правична застапеност и случаите на дискриминација“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Хелсиншкиот комитет препорачува Комисијата за заштита од дискриминација да почне проактивно да дејствува во делот на превенција и заштита од дискриминација, а јавните функционери мора да започнат со осуда на дискриминаторскиот и вознемирувачки говор во медиумите.

„Во најбрзо време треба да бидат донесени измените на Законот за спречување и заштита од дискриминација кои ќе овозможат поголема ефикасност во целокупниот систем на заштита од дискриминација“, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет.

Годишниот информатор за 2016 година може да го преземете на следниов линк.

M.В