/ Прочитано:

1.617

Граѓаните треба да бидат обесштетени според висината на вредноста што ја имале стварите пред поплавите

По завршувањето на процената, комисиите треба да изработат пресметка на трошоците потребни за секое материјално добро кое треба да биде доведено во првобитната состојба, односно во состојбата пред настанувањето на оштетувањето.

Санирање на штетите од поплавите/Фото: АРМ

Комисиите за процена на штетите од невремето од 6 август, кое го зафати Скопскиот Регион, веќе започнаа со работа на терен на местата кои беа најпогодени од поплавите. Процената ја прават меѓуресорски тимови на Општина Гази Баба и Комисија на Владата. Најзагрозени подрачја се Ченто, Синѓелиќ, Стајковци, Економија, Инџиково, Црешево, Брњарци и Смилковци, каде што се поплавени околу 5 000 куќи.

Според Уредбата на Владата за начинот на работа на комисиите за процена и утврдување на висината на штета настаната од природни непогоди и други несреќи, процената се врши според Единствената методологија за процена на штети.

Комисиите во својата работа соработуваат со надлежните државни органи, научно-стручни институции и, по потреба, ангажираат и стручни лица – експерти од соодветната област каде што се врши процената на штетата.

Процената треба да биде извршена на целото подрачје што претрпело штета и комисиите треба да  обезбедат целосност на опфатот, со користење на статистичките кругови од Државниот завод за статистика.

„Комисиите, штетата ја проценуваат со директен увид во секое средство и материјално добро во сопственост на правните лица, самостојните вршители на дејности и граѓаните што претрпеле каква и да е штета и за секое прегледано средство треба да утврдат дали е оштетено или уништено“, се наведува во Уредбата.

Членот 5 од Уредбата предвидува дека за потешко оштетените средства треба да се утврди дали нивното оштетување е во толкава мера што не може да се изврши поправка, или трошоците за поправка се толку високи што таа не е исплатлива и во тие случаи треба да се третираат како уништени средства.

При вчерашната посета на селото Стајковци, министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, истакна дека многу куќи се оштетени и сè уште не е познато колку време ќе трае процената на штетите.

Тој ги повика граѓаните да ги исчистат своите домови пред да започне процената.

„Сето она што не е употребливо и што е со мала вредност, а што е уништено, треба да се фрли. Сето она што граѓаните сметаат дека треба да се проценува, нека го тргнат настрана, па надлежните ќе утврдат дали и што ќе се проценува, бидејќи има регалчиња што се целосно уништени и, реално, тоа не може да се процени. Она што е со мала вредност и не е употребливо, измешано со кал, треба веднаш да се фрли“, вели Спасов.

По завршувањето на процената, комисиите треба да изработат пресметка на трошоците потребни за секое материјално добро кое треба да биде доведено во првобитната состојба, односно во состојбата пред настанувањето на оштетувањето.

„Пресметаните износи на штетите се намалуваат за вредноста на спасениот материјал, чија вредност се пресметува согласно Единствената Методологија“, стои во Уредбата.

Комисиите за процена на штети треба да спроведат и глобална процена на штети, во согласност со Методологијата.

Комисиите го доставуваат збирниот извештај за проценетите штети до Владата, додека извештајот за процена за утврдена загуба на приходот од продажбата на земјоделските растенија и животни и на земјоделски имот и штети на стакленици и пластеници го доставуваат до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Владата донела одлука во наредните неколку дена да направи план за утврдување на средствата што им се потребни на оние што се најоштетени од поплавите и преку Министерството за финансии да достави предлог за авансна исплата на штетата, а дополнително ќе им биде исплатена целосната висина на средствата за обесштетување.

М. С.