/ Прочитано:

730

Граѓански асоцијации основаа Платформа за антикорупција

Вторник, 9 декември 2014 – Платформа за антикорупција основаa денеска 15 граѓански асоцијации. Платформата ќе соработува со сите засегнати страни вклучувајќи ги државните институции, политичките партии, бизнис заедницата и меѓународната заедница.

„Платформата ќе ги следи и анализира правната рамка и актуелните јавни политики и активности за сузбивање на корупцијата, ќе иницира јавна дебата за квалитетот на законите и ќе иницира законски измени каде што е потребно“, рече директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка (кој ја спроведува програмата на УСАИД за борба против корупцијата), Александар Кржаловски на прес-конференција на која беа презентирани целите и насокоите во кои ќе дејствува Платформата.

Програмската рамка, посочи, ќе вклучува анализа на работата на институциите кои се задолжени за борба против корупцијата и на сите институции за тоа како се однесуваат по тоа прашање.

„Ќе поддржуваме и иницијативи за поголема транспарентност во донесувањето на буџетот на Република Македонија особено во неговото извршување како на национално ниво, така и на ниво на општините. Ќе се следи и финансирањето на политичките партии“, рече Кржаловски и додаде дека ќе се обидуваат да се зголеми транспарентноста во пристапот на статистичките податоци по разни основи за да направат подетална анализа за тоа каде се проблемите со корупцијата и ќе работат на зголемување на свеста на граѓаните за борба против корупцијата.

Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнел Македонија рече дека оцениле оти нивното делување може да биде уште поуспешно само ако заеднички се организираат и продолжат координирано да делуваат.

„Ќе промовираме активности кои понатаму ќе дадат поголем резултат, но и ќе ја промовираме Платформата во насока таа да се прошири уште повеќе со зголемување и на бројот на членките, на невладините организации и поединци кои ќе сакаат да бидат поактивни“, додаде Тасева.