/ Прочитано:

3.248

Граѓанските организации за заштита на животните и нивните права со конкретни барања до идните градоначалници

„Анима мунди“ заедно со „Animal’s voice“ - Велес, „Анималија“ - Охрид, „Animal world“ - Струга, „Angelcats sanctuary“ - Скопје, „Втора шанса“ - Кочани, ЕДЕН - Скопје, „Мали херои“ - Битола, „Аними реино“ - Кавадарци, „Cat shelter meow paws“ - Скопје, „Срце за животните“, Тиквеш - Кавадарци, „Спаси живот“ – Штип упатуваат јавни барања до кандидатите за градоначалник на претстојните локални избори.

Засегнати од стратегиите, ставот и програмите со кои идните градоначалници ќе ги третираат животните, Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ се обраќа до кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори и БАРА ОД НИВ ЈАВНО да се произнесат во однос на долунаведените барања.

„Овие барања се од клучна важност за нас и секој одговор на овие барања ќе го споделиме со љубителите на животни и широката македонска јавност.
‘Анима мунди’ нуди поддршка и соработка на сите оние што хуманоста ја сметаат за стандард кон кој треба да се стреми секоја општина; кои ќе се заложат за заштита на животните, а суровоста врз нив ќе ја осудат и санкционираат, без исклучок“, велат од „Анима мунди“.

Барањата на граѓанските организации:

1. За решавање на проблемот со прекумерната бројност на бездомните кучиња, општината, односно кандидатот за градоначалник на секоја партија ќе се обврзе да применува исклучиво стратегија на масовна стерилизација (во светот позната како „залови – стерилизирај – врати“), како и бесплатна вакцинација, бесплатно микрочипирање;

2. Во спроведувањето на програмата ја сметаме за нужна соработката со сите здруженија за заштита на животните. Бараме градоначалниците јавно да се обврзат дека ќе овозможат учество на здруженијата ВО РАКОВОДЕЊЕТО на стационарите, со што ќе се гарантираат хуманоста кон животните, максимална транспарентност и доследност во спроведувањето на програмата;

3. Во недостиг на соодветна инфраструктура усогласена со стандардите на Правилникот за создавање на транзитен центар, или прифатилиште, бараме примена на алтернатива – ваучер-систем за бесплатна стерилизација во домен на одредена општина или регион. Тоа би подразбирало ангажирање на сите ветеринарни станици на ниво на локалната самоуправа или пошироко и дистрибуција на одреден број ваучери за стерилизација во сите ветеринарни станици, за вршење на бесплатни оперативни интервенции. Трошоците за интервенцијата и престојот на животните е на товар на единицата на локална самоуправа. Ваквиот тип практика, по пат на ваучери за стерилизација, е најбрз и најлесен за имплементација – отколку да се чека на изградба на соодветен транзитен центар, азил или прифатилиште;

4. Ургентно востановување забрана за движење на влечни коли со коњи во урбани средини во рамки на Одлуките за комунален ред на ЕЛС, со што ќе се оневозможи злоупотреба на коњите на територијата на општината и ќе се обезбеди поголема безбедност на граѓаните во сообраќајот!

5. Општината да промовира хуманост кон животните и одговорно сопствеништво преку едукација, позитивни кампањи, субвенционирање бесплатна стерилизација на миленици, а во соработка со здруженијата за заштита на животни и засегнатите граѓани;

6. Создавање/примена на механизми за санкција на насилството врз животните, пред сè, масовните труења на животни; едукација/механизми за превенција во насока на нивно сузбивање.

7. Паркови за љубителите на животни и нивните миленици во секое маало!

Од кандидатите, истакнуваат граѓанските организации, очекуваме да се обврзат дека посочените барања ќе ги имплементираат во разумен временски рок, т.е. во првата година од доделениот мандат.

М.В