/ Прочитано:

2.372

Граѓанско-правна заштита на правата од интелектуална сопственост

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со Канцеларија за патенти и трговски марки на Данска, во рамките на твининг-проектот на ЕУ „Зајакнување на спроведување на правата од интелектуална сопственост“, организира дводневна обука на тема „Граѓанско-правна заштита на правата од интелектуална сопственост“.

akademik foto 1

„Почнуваме нов ЕУ твининг-проект „Зајакнување на спроведување на правата од интелектуална сопственост“ со нашите партнери од Државниот завод за индустриска сопственост и од Канцеларијата за патенти и трговски марки на Данска, финансиран од ЕУ во рамките на ИПА програмата 2011, во траење од 19 месеци, чија главна цел во однос на компонентите на обуките ќе биде унапредувањето на знаењата на судиите и обвинителите и нивна подготовка за членство во ЕУ“, истакна Арнаудовска во своето воведно обраќање.

Арнаудовска пред присутните судии од граѓанските оддели и одделите за трговски спорови, пред претставниците на Државниот завод за индустриска сопственост, пред независните економски експерти – вештаци, пред застапниците за правата од интелектуална сопственост  и пред претставниците на други релевантни институции, подвлече дека обуките се интердисциплинарни и во нив учествуваат судии, обвинители, адвокати и претставници на релевантни државни институции.

„На овие семинари ќе бидат презентирани примери од праксата на земјите членки на ЕУ, кои се однесуваат на најновите случувања во оваа област. Факт е дека немаме многу предмети во праксата од причини што носителите на познати трговски марки немаат интерес да тужат бидејќи се работи за мал пазар. Поведувањето на постапките зависи од тоа дали ќе бараат судска заштита носителите на правата, а заштитата главно се остварува преку царинските мерки со запленување и уништување на фалсификуваната опрема“, резимираше Арнаудовска.

„Проектот има за цел поддршка на јакнењето на спроведувањето на правата од интелектуална сопственост, но и зголемување на јавната свест. Тоа е долготраен процес, но веруваме дека правата од интелектуална сопственост се основа за иновации и здраво општество и ако можете да ги заштитите своите права тогаш можете да правите повеќе иновации и добар бизнис во државата. Затоа проектот предвидува многу обуки и споделување искуства меѓу земјите членки на ЕУ и Македонија, истакна постојаниот твининг-советник Јане Хедегард.

akademik foto 1

На денешниот настан излагања поврзани со темата „Граѓанско-правна заштита на правата од интелектуална сопственост“ имаат Зане Петерсон, судија на Одделот за граѓански случаи на Врховниот суд на Република Латвија и  Еирлинг Вестергард,  заменик-јавен обвинител за сериозен економски криминал, назначен како национален експерт во Канцеларијата за хармонизација на внатрешниот пазар во Данска.

Вестергард и Петерсон истакнаа дека правата од интелектуална сопственост се сопственички права кои им припаѓаат на нивните сопственици, според тоа само сопствениците на тие права или овластените лица имаат право да ги користат или да ги експлоатираат.

„Спротивно на тоа, која било употреба на правата од интелектуална сопственост од страна на неовластени лица преставува повреда на тие права и треба да биде осудена на суд.  Обично се забрануваат некои видови употреба: строга репродукција на права од интелектуална сопственост, имитирање, производство, дистрибуција, рекламирање, увоз на стока со ознака за права од интелектуална сопственост без овластување од носителот на правото.  Од правна гледна точка, фалсификувањето и пиратеријата мора јасно да се разликуваат од супстандардните производи. Гледано од правен аспект, шверцувањето исто така е различно од фалсификувањето“, образложија латвиската судијка и данската обвинителка.

Во врска со заштитата на трговските марки, латвиската судијка Зане Петерсон истакна дека 50 % од индустриите во ЕУ интензивно ги  користат правата од интелектуална сопственост и дека  некои од најинтензивните индустрии за права од интелектуална сопственост се инженерството, финансиските активности и осигурување, производството на моторни возила, малопродажбата, компјутерското консултантство и програмирање и фармацевтската индустрија.

akademik foto 1

„Проценето е дека фалсификатите и пиратеријата ги чинат владите на Г20 и потрошувачите над 125 милијарди долари секоја година“, истакна Петерсон.

На ниво на компанија, беше нагласено на настанот, неколку луѓе може да бидат посветени на управување со портфолиото со права на интелектуална сопственост и да ги бараат прекршителите.

„Штом ќе се пронајде фалсификат, може да се најмат и приватни детективи. Потоа, адвокатите можат да го преземат случајот и да поведат постапка пред различни судови“, нагласија предавачките Петерсон и Вестергард, подвлекувајќи дека заштитата на правата од интелектуална сопственост е голема инвестиција за компаниите.

Општо начело е, додаде Вестергард, дека обесштетувањето за прекршување на правата од индустриска сопственост настојува да исполни две цели кои се однесуваат на надоместот и одвраќањето. Надоместот подразбира доделување на обесштетувањето кое треба да го постави носителот на правото на позицијата на којашто би бил доколку не се случело прекршувањето, а одвраќањето подразбира доделување на обесштетувањето кое треба да послужи да ги обесхрабри двете страни од повторување на истото дело, односно да ги одврати од можноста да станат прекршители.

Говорејќи за трговските марки на ниво на Европската Унија, латвиската судијка и данската обвинителка нагласија дека трговска марка е кој било знак кој може да биде претставен во Регистарот на трговски марки на Европската Унија и кој прави разлика помеѓу производите и услугите на едно претпријатие (индивидуа, компанија или организација) од друго.

„Регистрирањето може да биде одбиено доколку знакот не е дистинктивен или е спротивен на јавниот поредок или морал. Ова спаѓа во т.н. апсолутни причини за одбивање. Понатаму, регистрирањето може да биде одбиено доколку заедничкото коегзистирање на марките не е возможно и ова спаѓа во т.н. релативни причини за одбивање“, истакнаа предавачките.

Чекан правда

На настанот беше елаборирано и дека трговските марки можат да бидат заштитени на национално ниво, и тоа преку национални заводи, преку меѓународна пријава и на ниво на ЕУ. Во врска со трговските тајни, предавачките посочија дека трговските тајни, заедно со имиња на домени, трговски марки и патенти, се од клучна важност за компаниите. Трговските тајни, истакнаа предавачките, се комплементарни алатки за компаниите во искористувањето на нивните регистрирани права или права од интелектуална сопственост заштитени на друг начин.

Вестергард и Петерсон се осврнаа на прашањата за заштитата на правата од интелектуална сопственост и од аспект на меѓународната правна рамка и од аспект на судската пракса.

Со одржувањето на денешниот настан Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ започна со одбележувањето на десетгодишнината од своето основање.

M.В