/ Прочитано:

2.204

ГРАЃАНСКИОТ СУД ДОНЕСЕ ДВЕ ПРЕСУДИ КОИ УТВРДУВААТ ДИРЕКТНА ДИСКРИМИНАЦИЈА

Македонското здружение на млади правници – МЗМП информира дека Основниот суд Скопје 2 Скопје донесе две пресуди со кои на тужителите делумно им се уважува тужбеното барање и се утврдува директна дискриминација.

Со првата пресуда од ден 26.5.2017 година се утврдува повторена дискриминација како потежок облик на дискриминација, повреда на правото на еднаков третман и ограничување на правото на слобода на движење, односно напуштање на територијата на Република Македонија.

Судот утврдил дека образложението на граничните полицајци со кое на тужителите во два наврата не им било дозволено да ја напуштат Република Македонија не соодветствува со реалната фактичка состојба. Тужителите поседувале важечки биометриски исправи, повратни билети и сите потребни документи, а не претставувале закана за јавната политика и меѓународните односи на РМ со државите членки на ЕУ. Водејќи се од изведените материјални и вербални докази, а имајќи ги предвид одредбите од Уставот и законите во РМ, како и Протоколот 4 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, судот пресудил дека во случајот е извршен потежок облик на дискриминација врз основа на бојата на кожата и етничката припадност и незаконски е ограничено правото на слобода на движење.

Со втората пресуда од ден 6.7.2017 година, Основниот суд Скопје 2 Скопје, постапувајќи по пресудата на Апелациониот суд Скопје, со која предметот е вратен на повторно одлучување, донесе пресуда со која утврдил повреда на правото на тужителката со нееднаков третман по основ на личен статус, семејна и брачна состојба, односно бременост со прекинување на работниот однос на тужителката.

Судот во согласност со упатствата на Апелациониот суд Скопје, а имајќи ги предвид изведените докази, одредбите од важечките закони во РМ, меѓународните договори ратификувани од РМ и практиката на Европскиот суд за човековите права, пресудил дека во конкретниот случај не треба да се утврди дали други лица во аналогна или релативно слична ситуација уживаат поповолен третман, поради тоа што не би имало со кого да се споредува бремената жена, а за постоење на дискриминација не е потребна никаква намера. Образложението на тужениот за причината за престанок на работниот однос е контрадикторно на изведените докази, а дополнително тужениот во согласност со законите на РМ не докажал дека договорот на тужителката немало да  биде продолжен, дури и ако таа не била бремена. Исто така, тужениот не доставил докази дека причината за престанок на работниот однос не била нејзината бременост.

Предметите се поддржани од Македонското здружение на млади правници. Тужителите во постапките се застапувани од адвокатката Софија Бојковска, која е дел од тимот на адвокати на МЗМП.

Првата пресуда за дискриминација врз основа на бременост e многу важна за остварувањето на работничките права – адвокат Софија Бојковска

Донесена е првата пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на личен статус – бременост

Откази поради бременост, помалку платен труд, мобинг и насилство – правата на жената секојдневно се нарушуваат

М.В