/ Прочитано:

1.274

Граничната полиција на Богородица и помогна на Авганистанка да се породи

Среда, 5 февруари 2014 – Благодарение на хуманоста и брзата реакција на цариниците од граничниот премин Богородица, 18 годишна Авганистанка родила здраво женско дете во Здравствениот дом во Валандово.

Цариниците на граничниот премин Богородица во понеделникот при патролирањето пронашле 18-годишна родилка, која лежела на паркингот во близина на браната Паљурци, која се виткала од болки и барала помош. Жената ниту го зборувала македонскиот јазик, ниту пак имала некакви документи со себе. Оставена сосема сама, без никаква помош, таа вечерта околу 19 часот добила породилни болки на патот Богданци – Дојран. Надлежните се сомневаат дека била дел од група од Авганистан, која илегално влегла во земјава. Најверојатно кога ги добила симптомите за породување, останатите од групата ја оставиле сама и побегнале, во надеж дека некој ќе и’ помогне. За среќа, нејзините повици за помош ги слушнал патролниот тим. Со нивна помош таа била пренесена во болница во Валандово.

Докторот од Валандово кој го извршил породувањето ги известил граничарите дека породувањето поминало без проблеми, но доколку жената не била пренесена навреме во Медицинскиот центар, постоела опасност од задушување на детето. Можни биле компликации со папочната врска, која била замотана околу вратот на детето, а тоа можело да доведе и до смрт на мајката.