/ Прочитано:

697

Грчката Влада го поднесе првиот закон за борба против сиромаштијата

Вторник, 3 март 2015 – Грчката Влада соопшти дека во Парламентот го поднела првиот нацрт закон посветен на борбата против сиромаштијата преку испорака на бесплатна електрична енергија, купони за храна и помош за станарина за сиромашните домаќинства, јави дописникот на МИА од Атина.

Законот претставува акција за справување со хуманитарна криза, како што новата грчка Влада ги нарекува социјалните проблеми на земјата по шест години рецесија (2008-2013).

Со поднесувањето на овој текст во Парламентот, премиерот Алексис Ципрас се обидува да започне со исполнување на предизборните ветувања, по минатонеделната отстапка со продолжувањето на договорот за кредит со еврозоната.

Законот, кој прво ќе оди на комисија, предвидува испорака на 300 киловат часови електрична енергија до крајот на годината на домаќинствата кои не можат да плаќаат струја. Околу 30.000 домаќинства ќе добијат помош за кирија од 70 до 220 евра, а на околу 300.000 луѓе ќе им биде обезбедена помош во храна.

Се уште не е одредено колку ќе чинат овие социјални мерки, а Атина вети дека ќе го задржи својот буџет во рамките на ограничувањата, но може да има проблеми во однос на финансиските обврски во март. Владата неодамна посочи дека овој механизам ќе биде мал финансиски товар и оти би можел да помогне во поттикнување на потрошувачката.