/ Прочитано:

1.335

ГРЕКО: Конзистентни закони, политичка волја и судиска етика – клучни во борбата против корупцијата

Петок, 19 јуни 2015 – Многу европски држави немаат ефективна законодавна регулатива што ќе овозможи спречување на конфликтот на интереси, со коj може да се соочат парламентарци, судии и обвинители, додека, пак, во некои земји отсуствува конзистентно, стабилно и јасно законодавство, што се должи на честите измени на законите и на сложеноста на прописите, велат од Групата држави против корупција (ГРЕКО) на Советот на Европа.

Изминатата година, ГРЕКО посети десет земји за да подготви извештаи за евалуација за превенција на корупцијата кај пратениците, судиите и обвинителите и усвои 10 извештаи за евалуација и три извештаи за следење, посветени на овие прашања.

„Покрај тоа, усвоени се 30 извештаи од мониторингот на криминализација на корупцијата и транспарентноста на финансирањето на политичките партии и изборните кампањи и три извештаи од мониторингот на, меѓу другото, независноста, специјализацијата и ресурсите на националните тела за борба против корупцијата и степенот и опсегот на имунитет“, велат од ГРЕКО.

Во нивниот Годишен извештај, се вели дека организацијата е загрижена за бавниот прогрес во врска со имплементацијата на препораките што се однесуваат на транспарентноста во политичкото финансирање, но и за неконзистентноста на законодавството во делот на спречувањето на корупцијата.

Неопходна е конзистентна регулатива и политичка волја

Во таа насока, претседателот на ГРЕКО, Марин Мирчела,  потенцира дека европските држави треба да креираат јасна, конзистентна и стабилна регулатива во однос на конфликтот на интереси кај парламентарците, судиите и јавните обвинители. Миречела посочува дека, покрај ваквата законодавна интервенција која мора да ја спроведат државите, неопходно е и постоењето на политичката волја како многу битен фактор во процесот.

„Слабиот успех од страна на многу држави, кога станува збор за зголемување на транспарентноста на финансирањето на политичките партии, ја илустрираат тешкотијата, а понекогаш и невозможноста да се постигне одржлив договор меѓу политичките партии“, вели претседателот на ГРЕКО, Марин Мирчела, додавајќи дека, сепак, постои одреден забележителен напредок.

„Неопходно е да се покаже посилна политичка волја за решавање на недостатоците во превенцијата на корупцијата кај овие професионални групи и да им се посвети повеќе внимание на спроведувањето на правилата отколку на нивното пишување“,  додава тој.

Етика и интегритет на судиите

По повод објавувањето  на Годишниот извештај, во кој се нотирани сите забелешки, сугестии и препораки за подобрување на законодавството во однос на спречувањето на корупцијата и конфликтот на интереси, од ГРЕКО велат дека  земјите треба да дефинираат кодекс на однесување за пратениците, подобрување на методологијата за изјавите за имотната состојба на парламентарците.

„Треба да има поголема вклученост на точни и релевантни информации, потоа информации што се однесуваат на брачните другари и на членовите на семејството, како и нивна поголема транспарентност и достапност за јавноста“, посочуваат од ГРЕКО.

ГРЕКО истакнува дека е неопходно да се зајакне судската независност и непристрасност, и  тоа преку објективни и транспарентни критериуми во изборот на судии, како и преку постапките за нивното оценување. Исто така, ГРЕКО го потенцира значењето за прашања од етиката и интегритетот  на судиите, обезбедувањето на независност на одделенијата одговорни за постапките во однос на извршната власт и изедначениот кодекс за постапување и однесување за обвинителите.

 М.В / veljanoskim@akademik.mk