/ Прочитано:

1.837

Грешки, ама во законите – Наташа Бошковa, адвокатка

Неодамна Данска усвои закон со кој се олеснува постапката за правно признавање на родот на транс лицата. Дијагнозата пореметување на родовиот идентитет повеќе не е повеќе услов за транс лице да се стекне со правото на правно признавање на преферираниот род кој се разликува од оној назначен при раѓање.

Во Македонија, постои правен вакуум во однос на правата на транс лицата, срамежливо се води дебата за воведување на родовиот идентитет како основ за заштита од дискриминација, а државата ја премолчува својата обврска да создаде минимум услови за достоинствен живот на транс лицата.

Со цел остварување на безбеден, исполнет и автентичен живот, клучно е транс лицата да имаат пристап до документи за идентификација кои точно го рефлектираат нивното сегашно име, родов идентитет и родово изразување.

Немањето на соодветна законска рамка која ќе одговори на потребите на транс заедницата, произведува арбитрерни одлуки на државните органи во постапувањето по барањата на транс лицата. Самоопределувањето во родот кој не соодветствува со оној назначен при раѓањето, води кон долг и мачен процес на правно признавање на посакуваниот род од страна на државата, а честопати е долга приказна без изгледи за разрешница.

Всушност, способноста да се живее во посакуваниот род и истиот правно да е признаен, е условен од поседување на документи за лична идентификација (лична карта, пасош, осигурување, возачка дозвола, свидетелства, дипломи и др.) со постоечкото име и посакуваниот родов идентитет, а кои се неопходни за непречно функционирање во секојдневниот живот.  Во Македонија, промената на името е можна во лесна и брза процедура за која има утврдени критериуми што треба да се исполнат.

Следната фаза, е промена на ознаката за пол назначена веднаш по раѓањето, врз основа на која се формираат трите броја од единствениот матичен број кој упатуваат на женски или машки пол. Во услови кога недостасуваат критериумите врз кои може да се промени ознаката за пол и матичниот број, се случува транс лице во Македонија да добие лична карта која го содржи променетото име, фотографија со променет изглед како резултат на медицински интервенции за промена на полот, и ознака за полот која не го рефлектира моменталниот родов идентитет и родова експресија на индивидуата. Ова лице е соочено со секојдневно објаснување на шалтерските работници дека тоа не е грешка на службеникот кој ја издал личната карта, туку е “грешка” во законот.

Заедничката карактеристика на процедурите за признавање на родот, ако воопшто постојат во една држава, се комбинацијата на комплицирани правни и медицински барања чијшто граници се нејасни. Во Европа и светот постои тренд на воспоставување на процедури кои го олеснуваат процесот на транзиција на транс лицата. Засега, не постои унифициран систем, па функционирањето на процедурите за транзитирање кон посакуваниот род се различни.

Има држави, на пример Аргентина, а од неодамна и Данска, каде лицето поднесува едноставно барање за промена на податоците во документите за лична идентификација без приложување на медицинска документација и други докази со кои треба да ја докажува потребата за промена на податоците во посакуваниот род. Други земји, воспоставиле систем кој не бара медицинска интервенција како услов за да се дозволи промената, но сепак потребна е медицинска документација со дијагностицирано пореметување на родовиот идентитет. Најригидните системи за правно признавање на родот предвидуваат операција со променети биолошки обележја што е условено со стерилизација, како услов за да се дозволи промена на документите за лична идентификација. Сепак, во изминатиот период се водат дебати во насока на укинување на обврската за стерилизација како услов за правно признавање на родот, бидејќи претставува сериозна повреда на телесниот интегритет на индивидуата.

Во недостаток на домашна правна рамка која би го регулирала прашањето во Македонија, применлива е праксата на Европскиот Суд за човекови права кој констатирал дека транссексуалците страдаат од стрес и оттуѓување, како резултат на несовпаѓање на позицијата во општеството и законски наметнатиот статус, со кој се одбива признавањето на промената на полот, и тоа не може да се смета за мала непријатност што произлегува од формалност. Конфликтот што настанува меѓу општествената реалност и законот, ги става транссексуалците во непогодна позиција, во која тој или таа може да почувствува ранливост, понижување и вознемиреност.

Во таа смисла, при одлучувањето дали на транс лице ќе му се овозможи правно признавање на родот, треба да се оцени степенот на конкретно, суштинско страдање или штета за јавниот интерес во однос на придобивката која транс лицата ја имаат со добивање на документи за лична идентификација кои ќе го одразат посакуваниот родов идентитет.

Долго време човековите  права на транс лицата во Македонија беа игнорирани и запоставени, иако транс лицата се соочуваат со сериозни проблеми, кои се специфични за нив. Време е да се отпочне со градење на правната рамка која ќе се заснова на меѓународните стандарди и ќе го следи трендот на воспоставување на јасни и едноставни процедури за правно прзинавање на родот и напуштање на концептот на наметнување на задолжителна операција, во склад со правото на автономија и самопределување на транс лицата. 

За АКАДЕМИК, Наташа Бошкова, адвокатка, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“

10.07. 2014