/ Прочитано:

649

Грција бара правни начини да го заштити членството во еврозонатa

Вторник, 30 јуни 2015 – Грчкиот министер за финансии, Јанис Варуфакис, изјави дека Грција ќе ги искористи сите правни средства за да избегне да биде исфрлена од еврозоната доколку не биде постигнат компромис со европските институции.

„Грчката влада ќе ги искористи сите правни средства што ѝ се на располагање и ќе ја разгледа можноста за обраќање до Европскиот суд на правдата“, изјави Варуфакис за британски медиуми.

Рокот за финансиски спас за Грција истекува денес, денот кога земјата треба да врати дел од долгот кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во износ од 1.6 милијарди евра.

„Веќе е можно Грција конечно да излезе од еврозоната, иако Европската централна банка не го сака тоа“, изјави Беноа Кире од Извршниот одбор на ЕЦБ. ­ „За жал, веќе не може да биде исклучен излезот на Грција од еврозоната, што досега беше теоретско прашање“, рече Кире во интервју за францускиот весник „Лес еко“.

Според Варуфакис, пак, членството во  еврозоната не претставува предмет на преговори.

„Со европските договори не е предвидено излегување од еврозоната и тоа ние не го прифаќаме. За нашето припаѓање кон еврозоната нема преговори“, вели Варуфакис.

Трите институции: Европската комисија, Европската централна банка и ММФ ѝ понудија на Грција да се продолжи сегашната програма, која истекува денеска, до крајот на ноември, а за време на тој период Атина би добила помош од 15,5 милијарди евра, од кои 1,8 милијарди веднаш, за да го исплати долгот кон ММФ во износ од 1,6 милијарди, кој доспева денеска за наплата.