/ Прочитано:

1.195

(ФОТО) Груевски: Нема оставки, нема повлекување

Понеделник, 18 мај 2015 – „Три и пол месеци сме под жесток напад за кој молчевме и чекаме да помине. Тоа што се случува е диктатура на политичкото малцинство и наметната психолошка состојба. Исправени сме пред искушение да се судриме меѓу себе. Но доста беше. Македонија е време да говори и вечерва сум должен да ја кажам вистината“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вечерва на народниот собир пред Собранието на РМ насловен „Македонија силна“.

На почетокот Груевски побара да им се оддаде почит на осумте загинати бранители во акцијата во Куманово.

„Нашите зборови, зборовите на политичарите, ќе поминат, но нивната битка ќе се памети“, рече тој, додавајќи дека тоа е примерот како се сака државата.

Понатаму во обраќањето, Груевски рече дека Македонија не се предава.

„Но Македонија не е Никола Груевски или Зоран Заев. Ова е Македонија. Овој народ, вие, е најдобриот одговор на сите оние сценаристи кои цврсто веруваат дека ќе не искршат, дека ќе ни ги исперат мозоците, дека ќе не прелажат со креирани, сечени и лепени снимки, со лажни наративи, дека ќе не исплашат со терористички банди, дека ќе потклекнеме, дека ќе се предадеме. Но, вечерва го добиваат одговорот. Македонија не се предава. Македонија е силна“, рече Груевски.

„Им порачуваме дека нема оставки, нема повлекување, нема предавање“, додаде тој.

Груевски истакна дека колку и да биле, како што рече, зли намерите на лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев преку последниот сет од објавени прислушувани телефонски разговори, тие покажале дека од страна на владините претставници во преговорите со Грција се бараат цврсти гаранции за македонскиот идентитет.

„Членството во НАТО и Европската унија(ЕУ) останува наш врвен приоритет.Иднината на државата е во ЕУ и НАТО“, нагласи Груевски.

Собирот почна со читање декларација на Парламентарното собрание на Советот на Европа во која се осудува случајот „Пуч“ , нелегалното прислушување, како и писма-изјави за поддршка на Владата од политичари и партии во Европа, меѓу кои и на Жозеф Дол, претседател на Европската народна партија.

Обраќање имаше и историчкарта Виолета Ачковска, која во име на Граѓанско движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) побара единство за да се заштити македонската држава од разнебитување. Според Ачковска, се активира украинска драма.

„Опозицијата приредува еден од чиновите на украинската драма, се поставуваат шатори, а веројатно ќе следува македонски Кличко кој ќе биде пион… Бараме да биде почитувана волјата на граѓаните на РМ која флагрантно се крши од деструктивната опозиција и со насилство се гази демократијата“, рече Ачковска.

Пред присутните се обрати и градоначалникот на Општина Карпош и лидер на ГРОМ Стевчо Јакимовски кој рече дека Зоран Заев ја нарушил приватноста,  слободата и интимата на над 20.000 граѓани.

Бомбите на Заев ги осуди и синдикалецот Дојчин Цветановски.