/ Прочитано:

723

Група пратеници предлагаат измени на Законот за кривичната постапка

Група пратеници предлагаат измени на Законот за кривичната постапка по скратена постапка. Целта на Предлог-законот е допрецизирање на одредби од Законот за кривичната постапка во врска со доделувањето на службеници на работа на јавниот обвинител.

foto

„Во членот 50 од Законот за кривичната постапка  е утврдено дека  по потреба, заради ефикасно спроведување на кривичната постапка, на јавниот обвинител по негова наредба ќе му бидат доделени на работа службеници од членот 48 точка 1 на овој закон.  Службениците доделени на јавниот обвинител исклучиво му се на располагање на јавниот обвинител, работат под негова контрола и надзор, ги почитуваат и извршуваат неговите наредби, работат согласно со неговите насоки и упатства и за својата работа му одговараат на јавниот обвинител. За времето додека службениците се доделени да работат кај јавниот обвинител не можат да бидат распоредени на друго работно место во државните органи од каде што доаѓаат или да бидат отстранети да работа од предметниот случај, без изречно одобрение на јавниот обвинител“, се посочува во законското образложение.

Членот 50 „Службеници доделени на јавниот обвинител по потреба“ гласи:

 (1) По потреба, заради ефикасно спроведување на кривичната постапка, на јавниот обвинител по негова наредба ќе му бидат доделени на работа службеници од членот 48 точка 1 на овој закон.

(2) Службениците доделени на јавниот обвинител исклучиво му се на располагање на јавниот обвинител, работат под негова контрола и надзор, ги почитуваат и извршуваат неговите наредби, работат согласно со неговите насоки и упатства и за својата работа му одговараат на јавниот обвинител.

(3) За времето додека службениците се доделени да работат кај јавниот обвинител не можат да бидат распоредени на друго работно место во државните органи од каде што доаѓаат или да бидат отстранети да работа од предметниот случај, без изречно одобрение на јавниот обвинител.

Предлагачите на измените ценат дека е потребно да се допрецизираат постапувањата на полициските службеници во ваквите случаи и предлагаат дополнување на оваа одредба со нов став, став 4, кој гласи:

„Полициските службеници кои се раководни работници во Министерството за внатрешни работи, не можат да бидат предмет на наредбата од ставот (1) на овој член.“

Објаснување на содржината на одредбите на предлог на законот

Со членот 1 се предлага дополнување во членот 50 со нов став (4) според кој полициските службеници кои се раководни работници во Министерството за внатрешни работи, не можат да бидат предмет на наредбата од ставот (1) на овој член.

Членот 2 е преодна одредба и предвидува додавање на нов член 567-а според кој актите донесени согласно член 50 став (1) од овој Закон, а кои се однесуваат на полициските службеници кои се раководни работници во Министерството за внатрешни работи, донесени пред денот на влегување  во сила на овој закон, престануваат да важат.

Членот 3 е завршна одредба и предвидува овој закон да  влезе во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а да се применува до денот на објавувањето на конечните резултати од страна на Државната изборна комисија за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија кои ќе се одржат во 2016 година.

M.В