/ Прочитано:

1.523

Група родители со претставка за дискриминација врз основа на вакциналниот статус на децата при упис во детските градинки

Четврток, 14 мај 2015 – Против детските градинки кои се основани од страна на Советот на општините, Советот на општината во градот Скопје и Владата, односно Министерството за труд и социјална политика група родители поднеле претставка до Комисијата за заштита од дискриминација поради дискриминација врз основа на вакциналниот статус на децата при упис во детските градинки.

„Сè почесто кога родителите ќе се обидат да го запишат своето дете во детска градинка, се случува при уписот на своите деца да бидат одбиени бидејќи не можат да докажат дека нивните деца ги имаат примено сите вакцини во согласност со календарот за имунизација, бидејќи избрале да не ги вакцинираат своите деца со една или повеќе вакцини, а тоа го избрале во согласност со нивното природно, односно законско право кое  го имаат во согласност со постојните законски прописи“, се вели во претставката.

„Не постои одредба според која детето при запишување во градинка потребно е да ги има примено сите вакцини“

Родителите велат дека во согласност со новиот Закон за заштита на децата од 14 февруари 2013 година родителите се должни при приемот на детето во градинката да приложат потврда од матичниот лекар за здравствената состојба на детето, односно наод и мислење од соодветна стручна институција за дете со пречки во менталниот развој или со телесна попреченост и ништо повеќе.

„Не постои правна одредба според која детето при запишување во градинка потребно е да ги има примено сите вакцини“, истакнуваат родителите во претставката.

„Но, за момент ако речеме дека има имало, таа одредба е правно дерогирана според Законот за заштита на правата на пациентите (Сл. весник бр. 82/08, 12/09, 53/11) член 4 став 1 точка 2, потоа член 5, 6, 14,15, како и член 5 од Конвенцијата за заштита на човечките права и достоинството на човечкото суштество во однос на примената во биологијата и медицината (Сл. весник на РМ бр.55/09), во врска со член 26 и 27 од Виенската конвенција за договорно право (Службен лист на СФРЈ бр.30/72), а во однос на член 118 од Уставот на РМ. Во таа смисла Република Македонија не може да се повика на внатрешното право за неисполнување на определен меѓународен договор. Европскиот суд за човекови права во пресудата по делото 42197/98 од Италијанката Иларија Салвети утврдува: „Судот смета дека задолжителното вакцинирање како недоброволна медицинска интервенција е во спротивност со правото за почитување за личниот живот како што е гарантирано во членот 8 од Конвенцијата за човекови права и основни слободи“ се наведува во претставката.

Лиса Баута Шаќири: „Tиe се плашат самите вие да не почнете да ги читате законите“

Според правникот Лиса Баута Шаќири, која е дел од групата родители, правото на слободен избор во Македонија во правна смисла, а вакцинацијата е право на избор.

„Правото на слободен избор во Македонија во правна смисла постои. Кој и да ви каже поинаку, каде и да го слушнете тоа, каде и да го прочитате, имајте на ум дека нивната цел секогаш ќе биде да ве збунат, за самите да не ги проверите законите и со тоа да ги откриете своите права. Најосновниот закон кој ни го дава правото на избор е Законот за заштита на правата на пациентите. Дали ќе прифатите медицинска интервенција за вашето дете, е ваше право. Вие избирате. Членовите 14 и 15 од истиот закон ни го даваат тоа право. Но тоа право не треба некој да ни го дава, ние тоа право како родители го имаме и никој не може да ни го ограничи. Tиe се плашат самите вие да не почнете да ги читате законите“, вели Шаќири.

Шаќири вели дека членот 5 од Меѓународниот договор, Конвенцијата за заштита на човечките права и достоинството на човечкото суштество во однос на примената во биологијата и медицината гласи: „Интервенција во областа на здравството може да се изврши единствено кога засегнатото лице доброволно ќе се согласи на тоа, врз основа на дадена информација“.

„Сакаат да ве убедат дека за во градинка потребно е вашите деца да имаат примено вакцини. Тоа е голема лага, според членот 60 став 8 до Законот за заштита на децата: ‘Родителите се должни при приемот на детето во градинката да приложат потврда од матичниот лекар за здравствената состојба на детето, односно наод и мислење од соодветна стручна институција за дете со пречки во менталниот развој или со телесна попреченост’, и ништо повеќе“, нагласува Лиса Баута Шаќири, додавајќи дека во таа насока сосема се јасни Законот за заштита на децата, Законот за заштита и спречување на дискриминација, Кривичниот законик и Законот за судовите, според кој – судот во конкретните случи во своето работење му дава предност на меѓународниот договор.

Кривична пријава и Иницијатива до Уставниот суд за вакцинацијата

На почетокот на оваа година родителите што се противат на вакцината ДТП (дифтерија, тетанус, пертусис) подготвија кривична пријава против непознат сторител и против одговорните лица на Министерството за здравство поради постоење основа на сомневање за сторено казнено дело – производство и пуштање во промет штетни средства за лекување.Од Министерството за здравство ваквите сомнежи ги оценуваат како некоректни тврдења со кои се внесува медицински непоткрепена паника за здравјето на најмладата популација.

Минатата година група родители до Уставниот суд преку Стамен Филипов како изготвувач на Иницијативата, поднесоа и барање за укинување на задолжителната вакцинација. Филипов оспори одредби на три закони: Законот за задолжителна вакцинација, Законот за заштита на децата и Законот за основното образование. Како што изјави тогаш Филипов, во прописите спорно е што невакцинирано дете не може да се запише во прво одделение, или мајка на две деца нема да добие надомест за третото ако не е вакциниранo првото или второто дете. Уставниот суд оцени дека вакцинацијата за децата остана задолжителна.

М.В