/ Прочитано:

1.052

Групацијата на пазари незадоволна од Предлог- законот за трговија на зелени пазари

Среда, 25 ноември 2015 – Членките на Групацијата на пазари во рамките на Здружението на комуналните дејности, на состанокот организиран во Комората, дискутираа за Предлог-законот за трговија на зелени пазари, доставен од Министерството за економија. „Едно во разговорите со надлежните, друго во законските одредби“, велат од Групацијата на пазари незадоволни од решенијата во Предлог-законот за трговија на зелени пазари.

„На состанокот, општ беше заклучокот дека последната верзија на Предлог-законот доставен до Групацијата на пазари драстично отстапува од претходните текстови за кои беше разговарано на работни состаноци со Министерството за економија“, истакнуваат од Стопанската комора.

За организаторите на пазари, велат од Комората, од исклучителна важност е заокружувањето на законската рамка со цел комплетно регулирање на дејноста на пазарите и законско евидентирање на сите субјекти, чинители кои дејствуваат на пазарите (кои во моментов се дел од „сивата“ економија на пазарот на работна сила во земјата), како и да се доуреди тргувањето на пазарите.

Имајќи предвид дека Предлог-законот по многу основи е неприфатлив за организаторите на пазари, особено што целосно е изменет концептот на Предлог-законот, Групацијата на пазари по состанокот ќе достави мислење до Министерството за економија, со кое ќе бидат предложени две опции:

– да се работи на Предлог-законот за трговија на зелените пазари кој беше доставен до Групацијата во септември 2015 година, а по кој Групацијата даде и свои забелешки (истите да бидат предмет на анализа во Министерството) или

– да се иницира дополнување на Законот за трговија, со додавање на цела глава која би била насловена: „Трговија на зелените пазари“, со неколку важни одредби со кои ќе се даде акцент на клучните работи. Сите останати дејствија околу трговијата на зелените пазари, може да бидат уредени со прописи и подзаконски акти.

„На состанокот заеднички беше констатирано дека, за да биде донесено законско решение кое ќе го подигне степенот на тргување на пазарите, ќе ја регулира и дефинира дејноста и ќе придонесе за унапредување и модернизирање на работата на пазарите, потребно е да се организира заеднички состанок со повеќе надлежни институции. Целта е да се елиминира проблемот со членот од Законот за забрана за вршење нерегистрирана дејност кој предвидува закупците на тезги да имаат регулиран статус само со Управата за јавни приходи и ќе се сметаат за законски продавачи, без оглед што не се регистрирани како правни субјекти, елиминирање на „сивата“ економија околу пазарите со цел надминување на нелојалната конкуренција, продажба на безбедни и законски производи итн“, додаваат од Групацијата на пазари.