/ Прочитано:

1.048

Групацијата за безбедност и здравје при работа бара измени на Законот и правилниците за здравје и безбедност при работа

Четврток, 30 октомври 2014 – Групацијата за безбедност и здравје при работа расправаше за реализираните активности согласно заклучоците од претходната седница, како и за реализирање работна средба со претставници на Министерството за труд и социјална политика.

Претседателот на Групацијата, Сашко Стаматовски ги информираше присутните дека Групацијата преку Стопанската комора на Македонија на 15.10.2014 година доставила допис до министерот Диме Спасов за организирање работен состанок на претставници на Министерството и на Групацијата.

Членките на Групацијата расправајќи по темите за разговор со претставниците на Министерството, констатираа дека приоритетни прашања кои треба да се отворат треба да бидат оние кои прават сериозни проблеми во извршувањето  на дејноста на фирмите.

Како приоритетни прашања беа посочени новиот Правилник за висината на трошоците за извршување на стручните работи за безбедност при работа („Службен весник на РМ, бр.“ 10/14), при што беше констатирано дека со  него  се утврдуваат минималните и максималните цени за извршување на стручните работи за безбедност при работа. Но, тие не кореспондираат со трошоците што ги имаат фирмите за извршување на својата дејност. Исто така, во Правилникот не се опфатени некои работи кои се извршуваат при мерењата за имплементирање на безбедност и здравје при работа.

Присутните заклучија дека при водењето на разговорите треба да се покрене и иницијатива за промена на системот за безбедност и здравје при работа преку промени на Законот и правилниците за здравје и безбедност при работа.

Посебно беа апострофирани  измени и дополнувања на Правилникот за добивање на лиценци за вршење на дејноста од областа на здравје и безбедност при работа.

Членките на Групацијата нагласија дека со оглед на долгорочната и успешна соработка на Стопанската комора на Македонија со Министерството за труд и социјална политика, истата со несмалено темпо ќе продолжи да се остварува во насока на предлагање, изменување и дополнување на сите постојни законски и подзаконски прописи кои ја регулираат оваа област и оние кои ќе се носат во наредниот период.

На седницата се покрена инцијатива за соработка на Групацијата со Комората на овластени архитекти и инженери.