/ Прочитано:

1.288

ХАГ: Завршни зборови во процесот против Радован Караџиќ – Обвинителството бара доживотен затвор, Караџиќ оптимист зошто бил човек на мирот

Понеделник, 29 септември 2014 – Во судот во Хаг денеска ќе бидат изнесени завршните зборови во процесот против поранешниот лидер на босанските Срби Радован Караџиќ, обвинет за геноцид и воени злосторства, а Караџиќ завршните зборови ќе ги ги изнесе во среда.

Обвинителството бара казна доживотен затвор

Обвинителството на Хашкиот трибунал уште во ноември 1995 година го обвини Караџиќ за геноцид и злосторства против човештвото, сторени над несрпското население во војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година, во која загинаа најмалку 100.000 луѓе, а повеќе од два милиона беа принудени на бегство.

Караџиќ е обвинет за организирање на геноцидот во Сребреница во 1995 година и во уште седум други општини во Босна и Херцеговина во 1992 година, за прогон на несрпското население, за тероризирање на населението во Сараево и за земање на мировници на ООН како заложници.

Обвинителите на Трибуналот бараат Караџиќ да добие казна доживотен затвор за неговите наводни злосторства, меѓу кои и масакрот на повеќе од 7 илјади муслимани во Сребреница во 1995 година, но и за убивања и тортура на стотици илјади муслимани и Хрвати.

Во писмена изјава во која го сумира своето видување на процесот против Караџиќ, обвинителството го нарече Караџиќ „водечки политички и воен лидер на босанските Срби и нивните сили“, за време на војната во БиХ од 1992-1995.

Караџиќ оптимист – се надева на ослободителна пресуда

Правниот советник на воениот претседател на босанските Срби, Питер Робинсон, изјавува дека Караџиќ и натаму се надева на ослободителна пресуда.

„Тој е оптимист кога станува збор за она што тој го очекува, вели дека ако ова е вистински суд, тој ќе биде ослободен. Меѓутоа, тој не е сигурен дека ова е вистински суд, според неговата дефиниција, па тој можеби нема да биде толку оптимистичен во врска со исходот“, вели Робинсон.

Караџиќ и поранешниот воен лидер на босанските Срби Ратко Младиќ, кому му се суди во одвоен процес во Хаг, својата одбрана ја поткрепуваат со нивното инсистирање  дека дејствувале за да ги заштитат босанските Срби.

„Наместо казна, заслужувам награда за сите добра кои сум ги сторил

„Наместо казни, заслужувам награда за сите добра кои сум ги сторил“, рече на почетокот од процесот Караџиќ во своите воедни зборови и негираше секаква одговорност за масакрот во Сребреница, претставувајќи се како „психијатар, писател и човек на мирот“.

Хашкиот трибунал на 25 јули 1995 година го покрена првото обвинение против Караџиќ и Ратко Младиќ, кое имаше 16 точки, од кои едно за геноцид, а три за злостроства против човештвото.

На 21. јули 2008. година беше уапсен „мистичниот“ Драган Давид Дабиќ, познат алтернативен медицинар во Србија чија мисија била да им помага на луѓето со психолошки и медицински совети и практики. Зад овој лажен идентитет меѓутоа се покажа лицето на осомничениот за воени злосторства – Радован Караџиќ.

(М.В)