/ Прочитано:

1.779

Хармонизација на даночното законодавство со ЕУ-регулативата

Денеска во ЕУ-Инфоцентарот се одржа завршната конференција посветена на подобрувањето на даночното законодавство од аспект на нејзината хармонизираност со ЕУ-регулативата.

 

Конференцијата се одржа во рамки на твининг проект за хармонизација на даночното законодавство со законите на ЕУ, кој финансиски е поддржан од Европската Унија со 249.960 евра, а реализиран од Министерството за финансии на Република Македонија и Центарот за меѓународно и европско економско законодавство и Независниот орган за јавни приходи на Грција.

Проектот, беше нагласено на денешниот настан, има за цел да се подобрат даночните закони, правната рамка во областа на индиректното и директното оданочување преку усогласување со директивите на ЕУ и институционалните капацитети за приближување кон ЕУ.

Според Јаромир Лавичек од Делегацијата на ЕУ, создавањето ефикасен и транспарентен даночен систем е важно првенствено за самата држава и нејзините институции и во таа насока, и за Европската Унија. Секоја влада, подвлече Лавичек, треба да се стреми кон создавање даночен систем базиран врз принципите на транспарентност, одговорност и рамноправна даночна конкуренција. Создавањето ефикасен даночен систем придонесува и за превенирање и намалување на ризиците од корупција.

За грчкиот амбасадор Димитрис Јанакакис, проектот е значаен бидејќи, како што нагласи, подразбира успешно имплементирање на првиот твининг проект спроведен од институции од двете земји.

Со овој проект, подвлече министерот за финансии Кирил Миновски, очекувам натамошно зајакнување на капацитетите на Министерството за финансии и Управата за јавни приходи. Зајакнувањето на капацитетите, додаде Миноски, особено треба да се однесува на ефикасно имплементирање на предложените законски измени во домашната даночна регулатива во областа на директно и индиректно оданочување, но и во остварувањето на ефикасната наплата на даноците.

„Проектот има големо значење имајќи ја предвид потребата на Република Македонија од континуирано имплементирање на директивите на ЕУ во домашното законодавство како земја кандидат за членство во ЕУ. Направени се анализи и процени за усогласеноста со директивите на ЕУ на постојната легислатива, што се однесува до персоналниот данок на доход, даночната постапка, данокот на добивка и данокот на додадена вредност, особено во делот на прометот на услуги, односно новите правила за ДДВ, воведени од 2015 година во телекомуникациите, преносот и електронските услуги“, образложи министерот за финансии, Кирил Миноски.

М.В