/ Прочитано:

1.025

Хашкиот трибунал и официјално побара Шешељ да се врати во притвор

Вторник, 26 мај 2015 –  Во Министерството за правда во Србија вчера стигнал и официјален допис од Хашкиот трибунал за враќање на лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, во Шевенинген и оти неговата здравствена состојба не може да биде пречка за тоа, пишуваат српските медиуми.

Апелационата комисија на Хашкиот трибунал во дописот од  Владата на Србија бара апсење и притворање на лидерот на Српската радикална партија денес или штом ќе биде изводливо.

Во дописот, како што наведува „Политика“, од Владата се бара Шешељ да им се предаде на службените лица на аеродромот во Холандија, како и да ги преземе трошоците во врска со неговиот превоз.

Шефот на Националниот совет за соработка на Србија со Хашкиот трибунал, Расим Љаиќ, изјави дека 26 мај не е реален термин како краен рок за испорачување на Воислав Шешељ во Хаг.

Во врска со овој случај српскиот премиер, Александар Вучиќ, по средбата со главниот обвинител на Хашкиот трибунал, Серж Брамерц, изјави дека ќе се постапува во согласност со законите на Србија и со меѓународното јавно право.

На 6 ноември минатата година Судскиот совет на Хашкиот трибунал одлучи привремено да го ослободи Шешељ по 11,5 години минати во затворот во Шевенинген поради неговата тешка здравствена состојба,.

Со своето постојано провокативно однесување и со изјавите оттогаш тој на неколку пати предизвика гневни реакции од хрватските политичари.

Воислав Шешељ е обвинет за злосторства против човештвото и за кршење на законите и обичаите на војување во Хрватска, Босна и Херцеговина и Војводина.