/ Прочитано:

1.127

ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ: Јавното обвинителство смета дека врзувањето на глувонемо дете со јаже не е нехуман третман

Понеделник, 23 февруари 2015 – Хелсиншкиот комитет за човекови права го објави месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за јануари 2015. Месечниот извештај ги опфаќа темите: Простести на студентскиот и професорскиот пленум, Обвинителството не препознава тортура, Случај Тамара Димовска, Случај Tомислав Кежаровски, Слобода на изразување и говор на омраза.

ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ: Протести на студентскиот и професорскиот пленум

Професорскиот и студентски пленум во текот на месец јануари оддржаа два протестни настани пред Собранието на Република Македонија. По завршување на настаните, одреден број на медиуми продолжија со воспоставената практика на етикетирање на учесниците во протестите без разлика на нивната улога како организатори или поддржувачи на каузата. Имајќи предвид дека овие практики во изминатите три години се забележани на речиси сите протести кои се насочени да го изразат незадоволството по одредено прашање или целокупната општествена состојба укажуваат на обидите да се дискредитираат граѓаните, а со тоа да ја дефокусираат целта на собирите. Комитетот изразува загриженост за неетичкото известување на протестите и јавните собири кои се противат на јавните политики на извршната власт и констатира дека нивната намена исклучиво има за цел да ја дезинформира јавноста наспроти уставната обврска непристрасно и објективно пренесување и примање на информации.

ЗАТВОРЕНИ ИНСТИТУЦИИ: Обвинителството не препознава тортура

Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ поднесе кривична пријава до Основно јавно обвинителство Струмица за случајот на глувонемото дете – малолетниот Л.Р, кој беше врзуван со јаже за креветот од страна на вработените во ЈУ Завод за заштита и рехабилитација Бања Банско, каде беше сместен. Кривичната пријава беше поднесена против непознати сторители, директорката и вработени во ЈУ Завод за заштита и рехабилитација Бања Бањско и директорката на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа- Битола, за сторени кривични дела и тоа: Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување (чл.142 ст.1 од КЗ на РМ) и Малтретирање во вршење на службата (чл.143 од КЗ на РМ).

Во својата одлука, Основното јавно обвинителство во Струмица ја отфрли поднесената кривична пријава со образложение дека пријавените дела не се гонат по службена должност, како и дека врзувањето на детето било од оправдани, безбедносни причини. По ваквата одлука, Хелсиншкиот комитет поднесе барање на преземање на кривичното гонење до Вишото јавно обвинителство во Штип, кое исто така констатира дека детето било врзувано од безбедносни причини и ја потврди одлуката на Основното обвинителство. Дополнително, Вишиот јавен обвинител посочува на тоа дека член 3 од Европската конвенција за човекови права кој ја забранува тортурата, понижувачкиот и деградирачки третман под сите околности, не е од апсолутен карактер и сите околности требало да бидат земени во предвид.

Хелсиншкиот комитет смета дека ваквото одлучување е нестручно и непрофесионално. Загрижувачки е тоа што Јавниот обвинител не го препознава деградирачкиот и нехуман третман како забранет и во спротивност со гаранциите на член 3 од Европската конвенција за човекови права, која е од апсолутен карактер што во неколку наврати го потврдува Европскиот суд за човекови права. Така на пример, во случајот на Асенов и други против Бугарија (90/1997/874/1086) судот посочува дека дури и минимално ниво на деградирачки третман претставува повреда на членот 3 од Конвенцијата (параграф 94). Дотолку повеќе, околностите на случајот, како полот, возраста и здравствената состојба на жртвата треба да се земат во предвид, што е случај го потврдува и конкретниот случај со малолетниот Л.Р. Судот смета дека нехуман и деградирачки третман постои и тогаш кога кога не постои директна намера за таквиот третман, иако особено ги осудува случаите кога намерата е присутна (во случајот Селмоуни против Франција, 25803/94, параграф 96). Хелсиншкиот комитет смета дека Јавниот обвинител не ги зема во предвид овие околности потврдени од Европскиот суд за човекови права, поради што следно ќе се обрати до Јавниот обвинител на Република Македонија, а доколку повреда на правата на детето не е утврдена, соодветно ќе се обрати и до Европскиот суд за човекови права.

ЕКОНОМСКИ И СОЦИЈАЛНИ ПРАВА: Случај „Тамара Димовска“

До Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, беше поднесена претставка од страна на лицето Жаклина Димовска, затоа што не можела да ги оствари своите права пропишани во Законот за здрваствено осигурување. Имено, Жаклина Димовска, како осигурено лице поднела барање за упатување на лекување во странство, за нејзиното малолетно дете Тамара Димовска, во прилог со целокупната медицинска документација, по што бил оформен предмет, по што Фондот за здравствено осигурување истото со решение го одбил како неосновано.

Иако првостепениот орган, од денот на поднесувањето на барањето, па се до денот на одлучувањето по истото, преку своите стручни служби се обратил до неколку специјализирани медицински установи како во Републиката така и надвор од неа, а со цел да прибави понуди за лекување. Сите медицински установи во Република Македонија се оградиле од случајот, затоа што не ја поседувале потребната техничка и медицинска опрема за извршување на потребната хирушка интервенција. И покрај овие конзилијарни мислења од компетентни доктори што работат во овие медицински установи првостепениот орган стигнал до заклучок дека сепак не се исцрпени сите можности за болничко лекување во Република Македонија, односно предложената интервенција има можност да се изврши на една од Клиниките во Скопје.

Хелсиншкиот комитет од Конзилијарното мислење на тимот од лекари дадено во предлогот за упатување на лекување во странство како и од итноста на самата интервенција изведе заклучок дека првостепениот орган не го почитувал и не го применил членот 30 став 1 од Законот за здравствено осигурување, односно осигуреното лице може да користи болничко лекување во странство со одобрение на Фондот, ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во Републиката, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување, и со тоа се прекршени правата на осигуреното лице.

Поради огромниот пропуст и незаконитото постапување на надлежните институции овој случај заврши со трагичен епилог, односно малолетното осигурено лице, Тамара Димовска почина на 09.02.2015 година. Хелсиншкиот комитет за човекови права изготвува и ќе поднесе кривични пријави против одговорните, а поради сомневање за сторување на кривични дела од членовите 353 став 1 и 2 од КЗ на Република Македонија, односно злоупотреба на службена должност и членот 353-в став 1 и 2 од КЗ на Република Македонија, односно несовесно работење во службата.

СУДСКИ СЛУЧАИ: Случај „Кежаровски“

По објавувањето на пресудата на Апелациониот суд во јануари 2015 година со која 4,5 годишната казна на новинарот Кежаровски беше намалена на 2 години, уште истиот ден од страна на МВР, а по донесување на упатен акт од страна на судија за извршување на санкции, г. Кежаровски беше спроведен на издржување на затворска казна без воопшто пресудата да му биде врачена. И покрај тоа што пресудата по нејзиното донесување од страна на Апелациониот суд станува правосилна (Член 127, став 1 од стариот Закон за кривичната постапка, по кој се води предметот), без нејзина достава до обвинетиот таа не е и извршна (Член 127, став 2 ЗКП), односно судијата за извршување на санкции не смеел да донесе упатен акт за издржување на затворска казна. Со непочитување на законската регулатива, судијата за извршување на санкции всушност е исполнето битието на кривичното дело „Противправно лишување од слобода“, кое согласно Член 140, став 4 од Кривичниот законик е казниво со затворска казна од шест месеци до пет години во случаите кога е сторено од страна на службено лице со злоупотреба на службената положба или овластување.

Еден ден по спроводот во Затворот Скопје, директорот на затворот до директорката на Управата за извршување на санкциите предложил прекин на казната од 30 дена (до 18 февруари 2014 година) поради влошена здравствена состојба на г. Кежаровски. Предлогот е прифатен и покрај тоа што тој беше присутен на протестите организирани поради неговото затворање и беше очигледно дека се наоѓа во добра здравствена состојба. Во меѓувреме, по предлог на директорот на затворот г. Кежаровски да биде ослободен преку условен отпуст, Основниот суд Скопје 1 го прифати ваквиот предлог и донесе позитивно решение. Решението беше обжалено од страна на Основното јавно обвинителство Скопје, а на 17 февруари 2014 година жалбата беше отфрлена, а условниот отпуст потврден. И покрај позитивното решение од страна на Апелациониот суд Скопје со кое условниот отпуст беше потврден, сакаме да потенцираме дека ова решение беше донесено последниот ден од истекот на рокот за негово донесување. Ваквото постапување од страна на обвинителството и судовите резултираше со близу двегодишен психолошки притисок врз новинарот Кежаровски. Новинарот во казнената евиденција ќе биде забележан како сторител на кривично дело, а неговите тврдења за влијание на полицијата врз заштитен сведок и фабрикување на изјава со цел влијание кај правосудните органи очигледно ќе останат неистражени.

 СЛОБОДА НА ИЗРАЗУВАЊЕ И ГОВОР НА ОМРАЗА

Во месец јануари како и повеќето држави во Европа, Комитетот изрази загриженост за состојбите и слободата на изразување во Република Франција. Нападот над сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“ потсетува дека слободата на изразување може да биде загрозена како и животите на оние кои што работат во оваа област како што беа 12те карикатуристи во овој магазин. Иако Република Македонија не се соочила со сличен настан сепак мора да се соочи со фактот дека слободата на изразување е загрозена преку цензура и авто-цензура на медиумските работници. Случајот на осудениот новинар Кежаровски ескалира во месец јануари. Беше објавена конечната пресуда со која е осуден на затворска казна поради пишан збор во 2008 година. За таа цел, медиумските работници организираа мирен протест на кој ја искажаа својата загриженост за слободата на медиумите преку која се прави директен удар врз слободата на изразување и слободното информирање. Исто така во услови на недостаток од независност на регулаторното тело, доминација на извршната власт во медиумите и пад на слободата на медиумите, Комитетот не очекува подобрување во оваа сфера како ни овозможување на околина за подобрување на состојбите.

ГОВОР НА ОМРАЗА

Хелсиншкиот комитет изразува загриженост за симболите поставени на бистата и споменикот на Јосип Броз Тито во истоименото средно училиште во Скопје. Имено, на 09 јануари осамнаа фотографии со симболи како „свастика“ и „крст“ на поставката пред училиштето направени од непознати сторители. Ова не е прв случај на уништување на јавен имот со нео-нацистичка содржина или омраза насочена кон одредена група или индивидуа. Комитетот потсетува дека во Битола речиси секоја година пред меморијалниот ден важен за еврејската заедница се исцртани симболи со слична содржина, како и непомалку присутни графити низ градот Скопје. Исто така непомалку присутни се и коментарите на социјалните мрежи во врска со етничката припадност или сексуална ориентација на припадниците на албанската етничка или ЛГБТИ заедницата. Комитетот ги регистрира пријавите на говор на омраза преку платформата www.govornaomraza.mk .

М.В