/ Прочитано:

1.126

ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ: Судиите да не носат решенија за определување на мерката притвор без аргументи!

Понеделник, 20 април 2015 – Хелсиншкиот комитет го објави месечниот извештај за човековите права во Република Македонија за месец март. Средношколскиот и наставнички пленум, Случајот „Судење: Музеј на Македонија“, Случајот со трикратното убиство во Кавадарци, Лустрацијата на Јадранка Костова, се дел од содржините на извештајот во кој Хелсиншкиот комитет детектирал нарушување на човековите права.

Средношколски и наставнички пленум 

„Средношколците не беа поштедени од агресивна негативна кампања која беше водена од засега непознати сторители кои дистрибуираа вознемирувачка содржина преку постери и летоци во градовите каде што средношколците демонстрираа поголем отпор. Најголеми притисоци беа забележани во Скопје, Битола, Велес и Ресен. Комитетот изрази загрижување за дистрибуираните материјали поради тоа што летоците и постерите содржеа наводи кои имаа за цел да идентификуваат наводни организатори прикажани како корумпирани и партизирани млади со цел да го делегитимира целото движење. Исто така, по неуспехот на негативната кампања, притисоците беа засилени во форма на директни закани, затворање на младите во училиштата, наводи за поткуп и непристојни предлози упатени кон дел од родителите од страна на владејачката партија“, се вели во Извештајот за месец март.

Граѓанска иницијатива „Го сакам ГТЦ“

Хелсиншкиот комитет ја поздравува граѓанската иницијатива за спас на Градскиот трговски центар преку организирање локален референдум во согласност со Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните во согласност со членот 3, ставот 3, членот 6, ставот 2 од истоимениот закон. Законот овозможува практикување на директна демократија и учество на граѓаните во процесите на носење одлуки од јавен интерес, како и слободата на изразување како уставни права на граѓаните.

Случај „Музеј на Македонија“

До Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија било поднесено барање за бесплатна правна помош од страна на лицата Билјана Јосифовска, сопругa на Перо Јосифовски и Марија Видевска, сопруга на Златко Видевски, обвинети во случајот наречен „Музеј на Македонија“.

„Тројца од обвинетите во овој случај, меѓу кои се и Перо Јосифовски и Златко Видевски, се наоѓаат во притвор од денот на нивното приведување во месец февруари 2014 година. Од извршениот увид во документацијата од предметот, Хелсиншкиот комитет констатираше дека се сторени суштествени повреди во врска со процената и аргументацијата за неопходноста од определувањето и продолжувањето на притворот од страна на Основниот суд Скопје 1 Скопје. Одлуките за притворот во случајот се донесени без објаснување за причините поради кои постои опасност од бегство, што претставува повреда на Европската конвенција за човекови права. Со продолжувањето на мерката притвор Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 Скопје ги прекршил одредбите од членот 5 ставот 3 на Конвенцијата бидејќи директно им го загрозил правото на слобода на обвинетите. Судиите мораат детално да ја опишат конкретната ситуација во која се наоѓа притвореното лице и посебно да ја ценат нивната индивидуална состојба и врските со семејството. Законот за кривична постапка предвидува и други мерки за обезбедување присуство на обвинетиот и успешно водење на постапката, кои воопшто не се применуваат во судската пракса. Во конкретниот случај иако на судот му била понудена гаранција како една од најсоодветните можности за одбегнување на притворот, судот ја отфрлил. Хелсиншкиот комитет континуирано реагира на ваквата пракса на судиите да носат решенија за определување и продолжување на мерката притвор, без притоа аргументирано да ја образложат потребата за определување на оваа мерка. Во оваа насока, повторно апелираме до судиите, со должно внимание да ги земат предвид насоките и препораките дадени од страна на Европскиот суд за човекови права“, посочуваат од Комитетот.

Случај „Трикратно убиство во Кавадарци“

„Кон крајот на 2014 година јавноста беше известена за повеќекратното убиство во Кавадарци на членовите на семејството на жена-жртва на семејно насилство, извршено со употреба на огнено оружје од страна на нејзиниот поранешен сопруг. И во овој случај надлежните институции не ѝ овозможија заштита на жртвата од насилството што го трпеле таа и членовите на нејзиното семејство подолг временски период од нејзиниот поранешен сопруг“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Лустрација на Јадранка Костова

„Последното Решение бр. 08-214/1 на Комисијата за верификација на фактите од 26 март 2015 година, со кое се лустрира новинарката Јадранка Костова, претставува уште еден класичен акт на политичка одмазда против неистомислениците и критичарите на актуелната власт. Донесувањето на решението следува една седмица по емитувањето на документарниот филм насловен „Македонија: Зад фасадата“ прикажан на телевизијата Ал Џезеира во кој новинарката и главен уредник на неделникот „Фокус“ изнесува критични ставови за случувањата во државата. Датумот на кој е донесено решението – 26 март – е истиот датум кога во 2013 година поранешниот главен уредник на неделникот „Фокус“, под сомнителни околности, го изгуби својот живот во сообраќајна незгода“, велат од Комитетот.

Говор на омраза

„Откако опозициските партии ја објавија аферата за масовно прислушување, Хелсиншкиот комитет забележа пораст на говорот на омраза кон граѓаните како дел од граѓански движења, здруженија на граѓани и членови на политички партии кои секојдневно се изложени на агресивна кампања преку која се етикетираат како: предавници, „комуњари“, „соросоиди“, кодоши и др., со цел да се наметне перцепција дека работат против интересите на државата. Особено загрижуваат јавните настапи на одредени граѓански движења и јавни личности кои ги користат медиумите како алатка за ширење на омразата кон поединци или групи поради спротивставените мислења за работата на извршната власт и владејачките партии“, се наведува во Извештајот на Хелсиншкиот комитет.

М.В / veljanoskim@akademik.mk