/ Прочитано:

1.644

Хелсиншки комитет за човекови права: Неосновано отпуштање на текстилна работничка

Хелсиншкиот комитет остро реагира на незаконското отпуштање на текстилната работничка и пасивното однесување на Државниот инспекторат за труд – подрачна единица Пробиштип. „Апелираме до Државниот инспекторат за труд – подрачна единица Пробиштип, во иднина да постапува во согласност со законските прописи и при вршење на надзор и утврдување евентуални неправилности да се води од законските прописи, а не од субјективните и пристрасни убедувања на инспекторите кои постапуваат по случаите“, истакнува Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Во својот извештај за човековите права во Република Македонија за месец август 2017 година, Хелсиншкиот комитет за човекови права наведува дека добил барање за бесплатна правна помош од текстилна работничка од Пробиштип на која неосновано ѝ бил откажан договорот за вработување од страна на нејзиниот работодавач. Според тврдењата на работничката, како што денеска соопштува Хелсиншкиот комитет, работодавачот ја отпуштил од работа без отказен рок поради вина и од лични причини. Имено, работничката добила писмено предупредување од работодавачот во кое било наведено дека работодавачот не е задоволен од начинот на кој таа ги извршува работните обврски. Пред добивањето на ова предупредување, работничката немала никакви сознанија за тоа дека работодавачот е незадоволен од нејзината работа и за тоа не била ниту усно предупредена.

„Во писменото предупредување ѝ бил даден рок од 15 дена да го поправи своето работење. По приемот на предупредувањето, работничката побарала писмено образложение од работодавачот за неговото незадоволство, во кој дел од нејзиното работење работодавачот не е задоволен и на кој начин би требало да го подобри работењето со цел да ја поправи евентуалната грешка при извршувањето на работните обврски, но не добила никаков одговор од работодавачот. Само неколку дена подоцна, работничката се здобила со повреда на работно место и заминала на боледување. При враќањето од боледување на работа не ѝ било физички дозволено да влезе во просториите на конфекцијата, односно на нејзиното работно место, со образложение дека таа е отпуштена и дека веќе не работи во конфекцијата“, се наведува во извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Оттаму потенцираат дека за овој случај го известиле Државниот инспекторат за труд – подрачна единица Пробиштип. Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека е загрижувачки непрофесионалниот однос на инспекторката со која комуницирале во однос на случајот.

„Добивме одговор дека подрачната единица на инспекторатот од Пробиштип нема да постапува по случајот и дека по него постапуваат инспектори од Скопје. Образложението за ваквата одлука, според кажувањата на инспекторката, е затоа што станувало збор за ‘проблематична работничка’ која ‘лаже’. Дополнително, за време на телефонскиот разговор инспекторката неколку пати повтори дека работничката е отпуштена во согласност со закон и дека нема никакви прекршувања на нејзините работнички права, иако на почетокот на разговорот нè информираше дека не постапува по случајот, па оттука се доведуваат во прашање објективноста и непристрасноста на инспекторката“, истакнува во својот извештај Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Препорака: Хелсиншкиот комитет остро реагира на незаконското отпуштање на текстилната работничка и пасивното однесување на Државниот инспекторат за труд – подрачна единица Пробиштип.

„Апелираме до Државниот инспекторат за труд – подрачна единица Пробиштип, во иднина да постапува во согласност со законските прописи и при вршење на надзор и утврдување евентуални неправилности да се води од законските прописи, а не од субјективните и пристрасни убедувања на инспекторите кои постапуваат по случаите“, истакнува Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Исто така, во месечниот извештај за човековите права во Македонија, во текот на август 2017 година, Хелсиншкиот комитет констатирал значително зголемување на појавата на говор кој промовира и поттикнува омраза насочена кон бегалците и мигрантите, кои како дел од светската бегалска криза транзитираат низ Република Македонија.

„Ксенофобичниот говор, кој е најзастапен на социјалните мрежи, се појави како реакција на предложената Стратегија за интеграција на бегалци и странци во Република Македонија од страна на Министерството за труд и социјална политика, предвидена за 2017 – 2027 година. Следствено на предложената Стратегија, се наметна јавна дискусија поттикната од политичките партии во која се наведува дека во државата ќе се населат илјадници бегалци за кои ќе се градат и станбени објекти. Ксенофобични пораки и говор кој разгорува и поттикнува омраза беа забележани и во говорите на јавните личности. Истовремено, произлегоа неколку граѓански иницијативи, ‘Излези и ти’, ‘Будење’, чии пораки беа исклучиво насочени кон ширење страв и паника кај граѓаните кон бегалците и мигрантите. Објавите на социјалните мрежи на овие граѓански иницијативи беа проследени со коментари со говор на омраза кој се состои во омаловажување и навредување на бегалците, како и повици за нивно истребување“, наведува Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Во оваа насока, Хелсиншкиот комитет испратил претставки за 4 случаи до Министерството за внатрешни работи – Оддел за истраги за компјутерски криминал, во кои побарал од Министерството будно да ги следи случаите на говор на омраза на интернет, како и објавите што предизвикуваат и поттикнуваат омраза кон бегалците.
„Хелсиншкиот комитет опоменува дека недозволиви се поттикнувањето и ширењето говор на омраза врз етничка припадност, националност и верско уверување кон бегалците и мигрантите, особено од страна на јавни личности и граѓански иницијативи. Бараме од Министерството за внатрешни работи внимателно да ги следи случаите на говор на омраза, кои лесно може да преминат во злосторства од омраза“, стои во препораката од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

А. Б.