/ Прочитано:

1.257

Хелсиншки комитет за човекови права: Зголемена раздвиженост на поголеми групи бегалци во гевгелискиот регион

„Не се забележани позначителни прекршувања на правата на бегалците, но практиката на илегално депортирање на индивидуалци и поголеми групи кон Грција сè уште продолжува“, истакнува Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Во текот на септември 2017 година, во прифатно-транзитниот центар „Винојуг“, Гевгелија, нема настанато поголеми промени, односно ситуацијата е мирна со минимални придвижувања, пишува Хелсиншкиот комитет за човекови права во својот месечен извештај. Оттаму наведуваат дека бројот на бегалци кои престојуваат во кампот е намален, но забележуваат дека е зголемена раздвиженоста на поголеми групи бегалци во овој регион.

„Не се забележани позначителни прекршувања на правата на бегалците, но практиката на илегално депортирање на индивидуалци и поголеми групи кон Грција сè уште продолжува“, истакнува Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Информираат дека бројот на бегалците што се сместени во кампот на почетокот на месецот бил 18 од кои 4 бегалци се со потекло од Авганистан, еден со потекло од Пакистан и 13 бегалци се со потекло од Ирак. Но, како што соопштуваат, поради пристигнувањето на нови и заминувањето од кампот на повеќе бегалци, до крајот на месецот бројот се намалил на 4.

„Не се забележани поголеми инфраструктурни промени во кампот. Хигиената во кампот е на задоволително ниво, но со оглед на намалувањето на температурата, во кампот недостига соодветна облека за бегалците. Бегалците во кампот се жалат на квалитетот на храната која ја добиваат, односно дека поголем дел од времето добиваат конзервирана и сува храна. Повремено се одржуваат работилници за возрасните и децата во кампот. Со зголемувањето на бројот на децата, повторно се активираат едукативните работилници од страна на невладините организации“, се вели во извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Институционално постапување

Во текот на овој месец, во кампот се донесени вкупно 66 бегалци во кампот и 9 бегалци во полициската станица во Гевгелија. Најголем дел од нив, по остварен разговор со безбедносните служби, се пренесени во Грција.

Така на пример, на 1.9.2017 година, во кампот се донесени 7 бегалци во три групи, од кои пет од Пакистан и двајца од Бангладеш, сите мажи, затечени од страна на полицијата по нерегуларни патишта. На 2.9.2017 година, во кампот се донесени двајца бегалци, мажи со потекло од Пакистан, на 18 и 34- годишна возраст. Едниот од нив побарал медицинска помош, која му била укажана од страна на Црвениот крст. Според нивните кажувања, поголем дел од својот пат го минале пеш, преку Иран и Турција пристигнале во Грција каде што престојувале околу 5 месеци. По прв пат преминуваат низ Република Македонија, а нивната крајна дестинација е Германија. Откако се регистрирани и испрашани од страна на безбедносните служби, депортирани се на грчка страна.

Во текот на ноќта на 6.9.2017 година, во кампот е донесена поголема група бегалци, односно вкупно 30 бегалци, од кои 21 се донесени во кампот, а 9 се донесени во полициската станица во Гевгелија. Полицијата ја затекла групата на самата граница при обид за влез во државата. Групата се состоела исклучиво од мажи, но нивното потекло не е познато. По неколку часа, цела група е пренесена на грчка страна. Ова е втор ваков случај во текот на изминатиот месец, откако пред петнаесетина дена беше исто така затечена поголема група од страна на полицијата, која успеа да фати само 35 бегалци кои се веднаш вратени на грчка страна.

Хелсиншкиот комитет потсетува дека групното „депортирање“ на бегалци кон Грција е недозволено според меѓународните стандарди и претставува прекршување на човековите права, кога секој индивидуален случај не е разгледан поединечно и не постои законска процедура и решение за нивно „депортирање“ од земјата.

Во текот на овој месец, состојбата во прифатно-транзитниот камп „Табановце“ е релативно мирна, со намален број бегалци, но со континуирана раздвиженост околу и во кампот. Не се забележани поголеми прекршувања на нивните права.

Просторни капацитети и услови

Во кампот е релативно мирно, без поголеми промени. Бројот се движи од 14 до 17, при што се присутни бегалци со различно потекло, и тоа од: Пакистан, Авганистан, Иран, Алжир и Сирија. До крајот на месецот, по заминувањето на неколку бегалци и пристигнувањето на други, во кампот бројот достигна до 27, од кои 17 регистрирани и 8 нерегистрирани. Меѓу нив има 8 непридружувани малолетници.

Бегалците имаат можност да излезат од кампот двапати дневно по два часа, кога може да пазаруваат во градот, но потоа мора да се вратат назад. Тие се генерално задоволни од условите во кампот и немаат поплаки околу почитувањето на нивните права.

На бегалците кои престојуваат во кампот им се обезбедува соодветна медицинска заштита, а кога има потреба од дополнителни прегледи или медицинска интервенција, тие се пренесуваат во болница во Гевгелија или Скопје.

Нерегуларна миграција

Во текот на септември 2017 година, Министерството за внатрешни работи регистрирало 2 кривично-правни настани поврзани со бегалците. Имено, на 11.9.2017 година, во непосредна близина на граничниот премин Табановце, Куманово, од страна на полициски службеник се забележани 8 бегалци со потекло од Пакистан кои излегле од патничко возило. На сигнал од полицискиот службеник, возилото го напуштило местото, по што се упатило на магистралниот пат кон Крива Паланка. Бегалците се пренесени во полициска станица, а се работи на расчистување на случајот.

На 17.9.2017 година, пак, во близина на село Прдејци, мешани полициски тимови со полициски службеници од Македонија и Хрватска забележале патничко возило кое се обиделе да го сопрат. На дадениот сигнал, возилото не застанало туку продолжило да се движи. Подоцна, возилото е пронајдено без возач, а во негова близина се пронајдени 9 бегалци со потекло од Пакистан, кои се пренесени во Прифатниот центар за странци во Скопје за понатамошно процесирање.

А. Б.