/ Прочитано:

1.331

ХЕЛСИНШКИОТ КОМИТЕТ: Неуставен предлог за избор на министер за внатрешни работи

Среда, 13 мај 2015 – Премиерот Никола Груевски вчеравечер до Собранието достави предлог за избор на двајца нови министри за внатрешни работи и за транспорт и врски. Предлогот следува по оставките доставени до премиерот од страна на владините министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска. Од Хелсиншкиот комитет за човекови права велат дека е неуставен предлогот за избор на министер за внатрешни работи затоа што со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години, а Митко Чавков е актуелен директор во Бирото за јавна безбедност.

Биографиите на предложените министри

По оставките поднесени од страна на владините министри, во кои наведуваат дека ги поднеле заради надминување на политичката криза, претседателот на Владата го предложи Митко Чавков за нов министер за внатрешни работи, а Владо Мисајловски за министер за транспорт и врски. Чавков е актуелен директор во Бирото за јавна безбедност, а Мисајловски е директор на Јавното претпријатие за државни патишта.

Во биографијата на Мисајловски  стои дека завршил Факултет за политички науки и меѓународни односи  на Отсекот за дипломатија и меѓународна политика.

Бил вработен во приватна фирма, а потоа станал помлад соработник  и советник за меѓународна политика  во Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија. Мисајловски бил советник во општина Ѓорѓе Петров, советник за меѓународна политика во Општина Центар и раководител на Секторот за поддршка на активностите на градоначалникот.

Од локалната самоуправа Мисајловски својата кариера ја продолжува во владините министерства за надворешни работи и транспорт, и тоа како државен секретар во Министерството за надворешни работи, државен секретар во Министерство за транспорт и врски и директор на Јавно претпријатие за државни патишта.

Во биографијата на Чавков  стои дека дипломирал на Факултетот за безбедност, а магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“  на тема „Криминалистичко разузнавање во борба против организираниот криминал“. Моментално е докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје на тема „Организиран криминал“.

Како дипломиран правник, кој својата професионална кариера ја започнал пред 25 години во Министерството за внатрешни работи, Чавков  работел како главен, виш и самостоен инспектор, началник и директор на Биро за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, чиј директор е и сега.

„Евентуалниот избор на Чавков е спорен од уставно-правен аспект“

Предлогот за избор на Чавков за нов министер за внатрешни работи предизвика реакции кај дел од стручната јавност и невладиниот сектор. Имено, во Уставот на Република Македонија е определено дека со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години и спорно е е тоа што Митко Чавков на новата функција би дошол од местото директор на Бирото за јавна безбедност. 

„Митко Чавков не може да биде назначен на функцијата министер за внатрешни работи бидејќи на оваа позиција според Уставот  треба да се назначи цивилно лице“, смета професорката Мирјана Најчевска.

Хелсиншкиот комитет: Неуставен предлог за избор на министер за внатрешни работи

Од Хелсиншкиот комитет велат дека во согласност со членот 97 од Уставот на РМ, со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години.

„Орган на државната управа во областа на полицијата е МВР, а раководното лице е министерот за внатрешни работи. Според тоа, за да биде избран за министер, г. Чавков морал да биде цивилно лице најрано од април 2012 година. Имајќи предвид дека сè до мај 2013 година тој бил полициски началник, произлегува дека г. Чавков не го исполнува условот предвиден во членот 97 од Уставот на РМ.“

Во 2004 Хелсиншкиот комитет го оспори изборот  на Силјан Аврамовски

Комитетот потсетува дека во 2004 година, пред Уставниот суд на РМ, го оспори изборот на г. Силјан Аврамовски како министер за внатрешни работи.

„Причината за оспорувањето беше работниот ангажман на г. Аврамовски најпрвин како помошник-директор, а подоцна (во рокот од 3 години пред назначувањето) и директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. За жал, со Решение У.Бр. 127/2004, Уставниот суд се прогласи за ненадлежен да одлучува по ова прашање, посочувајќи дека е право на Собранието да ги избира министрите во Владата и дека одлуката за избор по својот карактер и содржина претставува поединечен акт со кој не се уредуваат односи меѓу неопределен број субјекти на општ начин и тој не е пропис“ велат од Комитетот.

Уставниот суд за изборот на Силјан Аврамовски: Одлуката не може да биде предмет на уставносудска оцена

Според тогашната оцена на Судот, оспорената одлука имала карактер на поединечен акт и не може да биде предмет на уставносудска оцена.

„Тргнувајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот утврди дека во конкретниов случај оспорената одлука има карактер на поединечен акт, односно нема карактер на пропис во смисла на уставната одредба поради што не може да биде предмет на уставносудска оцена“, се посочува во Решението со кое се отфрла Иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за избор на Владата на Република Македонија бр.07-2394/1 од 2 јуни 2004 година.

„Решението на Уставниот суд не смее да се користи како оправдување за неуставен избор“

Хелсиншкиот комитет предупредува дека евентуалното прифаќање на предлогот на премиерот од страна на мнозинството пратеници би претставувало јасно, свесно и недвосмислено прекршување на Уставот на РМ. Комитетот укажува дека споменатото решение на Уставниот суд не смее да се користи како оправдување за неуставен избор на идниот министер за внатрешни работи и е подготвен евентуалниот избор на г. Чавков да го оспори пред Уставниот суд на РМ.

 М.В / veljanoskim@akademik.mk