/ Прочитано:

981

Хелсиншкиот комитет: Пристапот до правда особено во случаи на дискриминација е речиси невозможен за ранливите групи

Хелсиншкиот комитет за човекови права го спроведува проектот „Поддршка од граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите”, кој е поддржан од страна на Британската амбасада во Скопје.

Правдата е слепа

Целта на овој проект е да се подобрат политиките и практиките за социјалната кохезија и да се подобри пристапот до правда, до социјална заштита, до здравство, до образование и да се подобри квалитетот на живот за ранливите групи преку стратешко застапување во случаи на дискриминација.

„Преку овој проект сакаме да им дадеме глас на невидливите во нашето општество –  маргинализираните и социјално исклучените групи и заедници. Пристапот до правда, особено во случаи на дискриминација е речиси невозможен за ранливите групи во нашето општество кои често се наоѓаат и во социјален ризик. Поради ова, сакаме да им дадеме поддршка на граѓаните кои од различни причини се оневозможени да ги остварат или да ги заштитат своите права“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Во согласност со Законот за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата за заштита од дискриминација е самостоен и независен орган кој постапува по претставки за дискриминација и дава мислења и препораки за конкретните случаи на дискриминација. Секое лице кое смета дека претрпело дискриминација може да поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација во рок од три месеци од денот кога била сторена дискриминацијата или најдоцна една година од дознавањето за актот на дискриминација, без обврска за плаќање такса или друг надоместок. Претставката може да се поднесе писмено, усно на записник и електронски. Образецот за електронско поднесување на претставката можете да го најдете тука.

Во согласност со Законот за Народен правобранител, Народниот правобранител постапува во случаи на дискриминација кога таа е извршена од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Претставката за поведување постапка се поднесува писмено, усно на записник или електронски. Подносителот на претставката е ослободен од плаќање такси за постапката пред Народниот правобранител. Образецот за електронско поднесување на претставката можете да го најдете тука.

„Доколку ви е потребна бесплатна правна помош за иницирање постапки за заштита од дискриминација, пополнете го барањето за бесплатна правна помош и испратете го на helkom@mhc.org.mk или контактирајте со нас на 02/3119-073 или 078/252-812“, посочуваат од Комитетот.