/ Прочитано:

1.421

ХЕЛСИНШКИОТ КОМИТЕТ: Професор и декан дискриминирале студентка со шамија, a лекарка дискриминирала дете со попреченост

Хелсиншкиот комитет за човекови права го објави месечниот извештај за состојбата со човековите права во РМ за месец декември 2017 година. Во извештајот се посочува на дискриминација врз студентка во високообразовна институција и на дискриминација врз дете со попреченост во медицинска клиника.

Дискриминација во високообразовна институција врз основа на религија и верско уверување

 „До Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија се обрати странка од исламска вероисповед која носи шамија на главата, наведувајќи дека била дискриминирана од страна на професор на еден од факултетите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во конкретниот случај странката била дискриминирана од страна на професорот, кој пресретнувајќи ја во еден од ходниците во факултетот ја предупредил дека доколку дојде кај него на полагање на претстојниот испит со шамија, нема да може да полага доколку не ја отстрани шамијата. Бидејќи таа претстојниот испит кај професорот требала да го полага за два месеци, се загрижила дека поради тоа што ѝ го рекол професорот може да биде спречена да го полага испитот. Од овие причини таа решила за овој проблем да се обрати до деканот на факултетот, кој само го потврдил кажувањето на професорот дека од неа се бара да ја извади шамијата доколку сака да го полага испитот“, се вели во извештајот.

Носењето шамија кај жените од исламската вероисповед, посочуваат од Комитетот, е начин на кој тие ја изразуваат својата религија и тоа во никој случај не може да биде причина определено лице да биде поинаку третирано од друго или да му биде ограничено кое било право.

„Во конкретниот случај на студентката ѝ било кажано дека доколку не ја извади шамијата, нема да може да полага испит заедно со останатите студенти и тоа единствено затоа што носела шамија. Дополнително, и деканот на факултетот го потврдил условувањето на професорот за отстранување на шамијата доколку таа сака да го полага испитот, што само ја потврдува дискриминаторската практика на факултетот. Со своето постапување во конкретниот случај, факултетот преку професорот и деканот сторил директна дискриминација на студентката врз основa на религија и верско уверување на начин што таа била условена да ја извади шамијата доколку сака да го полага испитот“, истакнуваат од Комитетот.

Дискриминацијата, нагласуваат од Хелсиншкиот комитет, е спротивна на Уставот на Република Македонија и Законот за спречување и заштита од дискриминација. Уставот на Република Македонија гарантира дека граѓаните на државата се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Меѓу основите за дискриминација Законот за спречување и заштита од дискриминација ја предвидува и дискриминацијата врз основа на религијата и верското уверување. Законот за високо образование предвидува дека „Државјаните на Република Македонија имаат под еднакви услови право на образование на високообразовните установи во Република Македонија.”

Хелсиншкиот комитет за овој случај поднесе претставка до Народниот правобранител, со која побара Народниот правобранител да поведе постапка за заштита на уставните и законските права на граѓаните и заштита на начелото на недискриминација и да донесе мислење и препорака до факултетот, професорот и деканот на факултетот да ја прекинат дискриминаторската практика насочена кон студентките од исламската вероисповед кои носат шамии и безусловно во иднина да им овозможат да ги полагаат сите испити. Дополнително, Хелсиншкиот комитет од Народниот правобранител побара да даде општи препораки до сите факултети во рамките на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ за отстранување на ваквиот тип дискриминаторска практика бидејќи со неа не само што се врши дискриминација врз студентките кои носат шамија, која е забранета, туку им се ограничува и правото на високо образование, што е спротивно на Уставот на Република Македонија и Законот за високо образование“, посочуваат од Комитетот.

 Дискриминација на лице со попреченост на Клиниката за радиологија и онкологија

До Хелсиншкиот комитет пристигна пријава од родители на дете со попреченост, кое е воедно и штитеник во Специјалниот завод „Демир Капија“, наведувајќи дека нивниот син бил дискриминиран врз основа на неговата попреченост од страна на докторка на Клиниката за радиологија и онкологија. Во случајот се работи за лице со попреченост оперирано од карцином на кое треба да му се одреди постоперативна терапија поради влошена состојба.

„Родителите забележале дека нивниот син започнал да ја губи тежината во изминатиот период по операцијата и од тие причини побарале да биде прегледан од доктор кој би му дал и евентуална терапија доколку е потребно. Првиот пат штитеникот бил однесен на преглед на Клиниката за онкологија во октомври месец од страна на две медицински сестри вработени во Специјалниот завод ‘Демир Капија’. При посетата докторката не ги примила сестрите со штитеникот, туку само побарала да ги види документите што ги носеле. Откако ги погледнала документите и видела дека се работи за штитеник од Специјалниот завод ‘Демир Капија’ кој има попреченост, им рекла на сестрите: ‘Не можам да го примам. Има тој каде да оди и кој да го прегледува таму во Заводот, јас немам што да му правам. Што сте дошле кај мене?’ Штитеникот не бил примен ниту во нејзината канцеларија. Во извештајот што им го дала на сестрите пишува дека кај пациентот е присутна тешка ментална ретардација, не е контактибилен и не зборува, и поради таквите тегоби и општа здравствена состојба на пациентот контраиндициран е натамошен третман. Имајќи предвид дека докторката не го ни примила пациентот во својата канцеларија, во никој случај не може да дава извештај единствено врз основа на медицинска документација во која има податоци за извршен оперативен зафат во јули и извештај од специјалист за натамошно лекување, а уште помалку да наведува дека натамошен третман на пациентот би бил контраиндициран. По два месеци, во декември, родителите решиле самите да отидат кај докторката со целата документација, а со цел да побараат нивниот син да биде примен на преглед и да му се одреди евентуална терапија поради видното влошување на состојба, односно продолженото губење на телесната тежина. Докторката најпрво не сакала да ги прими, но сепак им дозволила да влезат на разговор. Родителите побарале објаснување зошто нивниот син не бил прегледан во октомври кога бил донесен од страна на медицинските сестри од Заводот и побарале термин кога да го донесат на преглед. На нивните барања одговорот бил речиси ист како првиот пат, дека нивниот син има каде да се лекува и дека нема што да бараат кај неа. Им рекла да не ѝ го носат и да не доаѓаат повеќе. Родителите по ова си заминале и веднаш го пријавија случајот во Хелсиншкиот комитет“, образложуваат од Комитетот.

Посочувајќи на Уставот, на Законот за спречување и заштита од дискриминација, на Законот за заштита на пациентите, на Законот за здравствена заштита, на Законот за ментално здравје и на Кривичниот законик, Хелсиншкиот комитет потенцира дека дискриминацијата по која било основа експлицитно е забранета во највисокиот државно-правен акт и во законодавството.

„Лицата со попреченост, како и сите останати пациенти треба да бидат примени и прегледани од страна на доктор, кој не смее по никоја основа да одбие преглед на пациент. Кодексот на медицинската деонтологија на Лекарската комора на Македонија експлицитно ги обврзува докторите да ја извршуваат својата професија. Со посредство на Хелсиншкиот комитет родителите беа приемни кај директорот на Клиниката и пациентот беше примен кај друг доктор, кој му изврши соодветен преглед. За овој случај Хелсиншкиот комитет ќе ги преземе сите правни дејствија за заштита на правата на дискриминираниот пациент и ќе биде поведена постапка за одговорност на докторката“, велат од Хелсиншкиот комитет.

М.В