/Прочитано:

410

Хелсиншкиот комитет за дискриминацијата на слепите лица и лицата со оштетен вид во изборниот процес

Државата го нема приспособено начинот на гласање за слепите лица и лицата со оштетен вид, се вели во месечниот информатор за дискриминација на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

До Хелсиншкиот комитет за  човекови права се обрати слепо  лице кое смета дека е  дискриминирано поради неговата  сензорна попреченост во изборниот процес. Имено,  државата го нема приспособено  начинот на гласање за слепите  лица и лицата со оштетен вид, кои  најчесто гласаат со придружник од семејството или, пак, со помош на некој од лицата од комисијата надлежна за спроведување на  избирачкиот процес.

На овој начин се повредува правото на тајност во  гласањето на слепите лица, кое  остава можност за злоупотреба на нивното право на глас. Хелсиншкиот комитет смета дека државата мора да го приспособи  начинот на гласање за слепите  лица и лицата со оштетен вид, за што ќе поднесе иницијативи пред надлежните  државни органи.

Нееднаквиот третман кон определено лице или група лица поради нивните лични карактеристики претставува дискриминација. Основите, видот и областите во кои дискриминацијата се забранува најдетално се опфатени со Законот за спречување и заштита од  дискриминација.

Прифаќањето на различностите и заштитата од дискриминација се многу важни за напредокот на секое општество. Од овие причини, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Хелсиншкиот комитет ги набљудуваат случаите на дискриминација, активностите на државата и другите здруженија на граѓани во делот на превенцијата и заштитата од дискриминација. Информаторот ги прикажува податоците од набљудувањето во текот на еден месец.

M.В