/ Прочитано:

841

ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ: Неука одлука на Основниот суд Скопје 1

Среда, 2 септември 2015 – „Хелсиншкиот комитет е фрапиран од злоупотребата на постапката од страна на судијата на претходната постапка и неговото нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Имено, судијата на незаконски начин се вмешал во работата на јавното обвинителство и донел противправно решение кое не може да предизвика правна последица и како такво мора да биде обжалено од ОЈО Скопје и преиначено од страна на Апелациониот суд во Скопје“, реагираат денеска од Хелсиншкиот комитет по одлуката на судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 за издвојување на снимените телефонски разговори и транскрипти, од предметите на ОЈО оформени по кривична пријава на СДСМ, како незаконски прибавени. 

„Имено, одредбите на кои се повикува судијата (ЗКП: чл. 93 – Издвојување на доказ во врска со чл. 12, ст. 2 – Законитост на доказите) се однесуваат само во случај кога случајот е влезен во формална истражна постапка. Имајќи предвид дека списите ги барал судот од обвинителството, јасно е дека обвинителството не донело решение за покренување на истражна постапка ниту барало носење на било каква судска одлука. Оваа шестмесечна неактивност на ОЈО претставува уште еден индикатор за несериозноста на правосудните органи и отвора сомнеж за нивна можна координација за избегнување на законските обврски.

Имајќи предвид дека кривичните пријави се наоѓаат во предистражна постапка (голем дел од пријавените лица сè уште не се испитани), судијата на претходната постапка воопшто немал надлежност да постапува во тој дел од постапката која според чл. 289 ЗКП е тајна. Надлежноста на судијата на претходната постапка отпочнува во истражната постапка (чл. 294 ЗКП), а единствен исклучок од ова правило е судската контрола на законитоста при работењето на истражните органи (чл. 290). Меѓутоа ниту барањето на адвокатот, ниту решението на судијата не се однесуваат на незаконско постапување на  обвинителството туку на издвојување на наводно незаконски прибавени докази од страна на трето лице. Дали доказите се прибавени законски или не судот може да утврдува само во истражна или судска, но не и во предистражна постапка (чл. 294 ЗКП). Потврда на ова е и фактот што одредбата врз основа на која судијата го донел решението може да биде донесено по предлог на „странките“, а осомничените во овој дел од постапката сè уште го немаат статусот на „странка“. Според тоа, судијата ниту имал овластување да ги бара списите од обвинителството, ниту да ги издвои и задржи доказите“, се вели во соопштението на Комитетот.

„Намерата е поништување на политичкиот договор за именување на специјален јавен обвинител“

Според Хелсиншкиот комитет, намерата на решението всушност е  поништување на политичкиот договор за именување на специјалниот јавен обвинител.

„Јасно видлива е намерата решението да стане правосилно и да се изигра чл. 14 од Уставот според кој никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука. На овој начин судството ќе го поништи политичкиот договор за именување на Специјалниот јавен обвинител чија основна цел – истражување на наводите за тешки кривични дела сторени од страна на највисоките претставници на власта ќе стане беспредметна. Со тоа сериозно ќе бидат загрозени препораката за отпочнување на преговори со ЕУ и владеењето на правото во Македонија“, сметаат од Хелсиншки.

Судот вчера доцна попладне информираше дека судија на претходна постапка донел решение со кое се уважува барањето за издвојување на снимките од телефонски разговори и транскрипти, како незаконски прибавени  докази,  од предметите на ОЈО оформени по поднесена кривична пријава на СДСМ против Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски, Кирил Божиновски, Сашо Мијалков, Ирена Мишева, Мартин Протуѓер, Тони Трајковски и Коце Трајановски, информираа од Судот.

Од СДСМ најавија дека денеска на прес-конференција ќе го кажат нивниот став.

>> СЛУЧАЈ „ПРИСЛУШУВАЊЕ“: Основниот суд Скопје 1 ги издвои снимените разговори како незаконски прибавени докази