/ Прочитано:

2.221

„ХЕРА“: Граѓаните мора да знаат да ја препознаат дискриминацијата, а потоа и да ја пријават

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА, заедно со коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, ја започнаа кампањата за заштита од дискриминација врз сите основи. Во овој заеднички проект на двете граѓански здруженија, а кој е поддржан од Холандската амбасада во Македонија, се вклучени три општини: Струмица, Куманово и Штип. Главната порака на кампањата е: „Ако е вообичаено, не значи дека е праведно. Три пати мери, еднаш сечи, но никогаш не дискриминирај!“ за што е изработен и видеоспот, чија примарна задача е да ја подигне свесноста за дискриминацијата, прво да се препознае, а потоа и да се пријават случаите на дискриминација и вознемирување.

Да се препознае и потоа да се пријави дискриминација по каква било основа е најважното нешто за да се спречат ваквите појави. Иако во земјава најчести се дискриминацијата и вознемирувањето на работно место или при интервјуа за работа и тие неминовно се поврзуваат со родова дискриминација, потоа оние што се однесуваат на социјалниот статус на одредена индивидуа, а трети се вознемирувањата поради родово идентификување и сексуална ориентација, бројот на претставките до Канцеларијата на народниот правобранител и до Комисијата за заштита од дискриминација е сѐ помал.

Ова се појдовните точки поради кои Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА, заедно со коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, ја започнаа кампањата за заштита од дискриминација врз сите основи. Во овој заеднички проект на двете граѓански здруженија, а кој е поддржан од Холандската амбасада во Македонија, се вклучени три општини: Струмица, Куманово и Штип.

Драшко Костовски, програмскиот директор на ХЕРА, истакна дека во трите општини веќе се основани координативни тела за заштита од дискриминација од страна на советите на општините што ќе работат според Протокол за унапредување на соработката на локалните механизми за заштита од дискриминација.

„Мултисекторските тела се составени од координаторот за еднакви можности од секоја од општините, Комисијата за еднакви можности на мажите и жените, подрачните канцеларии на народниот правобранител, подрачните единици за бесплатна правна помош на Министерството за правда и здруженијата на граѓани. Тие ќе имаат цел заеднички да работат на зголемување на информираноста на граѓаните како да препознаат и каде да пријават дискриминација. Седум години го имаме Законот за заштита од дискриминација, но во последниве години се соочуваме со мал број претставки поврзани со дискриминација. Во 2014 до Канцеларијата на народниот правобранител и до Комисијата за заштита од дискриминација имаше повеќе од 100, во 2015 околу 70, а сѐ уште немаме извештај за изминатата 2016 година, но констатираме дека бројот на претставките се намалува. Сметаме дека луѓето се обесхрабрени поради тоа што не сакаат да пријават случај на дискриминација или, пак, едноставно немаат доверба во институциите“, истакна Костовски.

Драгана Дрндаревска, координаторката на овој проект, нагласи дека очекуваат во текот на оваа година да бидат направени измените на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

„Што се однесува до заштитата од дискриминација на ЛГБТИ-заедницата, значајно е да се спомене дека во текот на оваа година, Министерството за труд и социјална политика спроведе консултативен процес за изменување на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Граѓанските организации се обидуваат да ги вметнат сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основа за дискриминација во членот 3 од Законот, но тоа се уште не е постигнато. Се надеваме дека во текот на 2017 година ќе се усвојат измени што ќе вклучуваат сексуална ориентација и родов идентитет како основи за дискриминација, што воедно ќе ги охрабри ЛГБТИ-луѓето да пријавуваат дискриминација. Комисијата за заштита од дискриминација, во текот на 2016 година, одлучуваше во неколку случаи на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Во повеќето случаи, Комисијата повторно не успеа да ја препознае дискриминацијата и соодветно да ги примени одредбите на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Исклучок од ваквата практика и позитивен пример беше еден случај каде што Комисијата за заштита од дискриминација утврди дискриминација врз основа на родов идентитет и определи надомест на штета“, нагласи Дрндаревска.

Според Нела Масалковска, претставничката од Струмица, оваа општина најчесто се соочува со дискриминација од етничка, родова и сексуална основа, поради што нивните активности ќе се насочат кон подигнувањето на свеста за овој проблем.

Цоки Ристевски од Киманово потенцираше дека локалните заедници мораат да им обезбедат бесплатна правна помош за луѓето чии права се загрозени. 

Инаку, главната порака на кампањата е: „Ако е вообичаено, не значи дека е праведно. Три пати мери, еднаш сечи, но никогаш не дискриминирај!“ за што е изработен и видеоспот, чија примарна задача е да ја подигне свесноста за дискриминацијата, прво да се препознае, а потоа и да се пријават случаите на дискриминација и вознемирување.

А. Б.

https://www.youtube.com/watch?v=Vr4O3cLLVuE&feature=youtu.be